Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Американскиот гигант за онлајн шопинг Амазон планира да отпушти од работа над 18.000 работници од нивната компанија, потврди извршниот директор Енди Џеси.
Откако веста за отпуштањата протече во јавноста, Џеси ја потврди шпекулацијата во објава на веб-страницата на Амазон, велејќи дека разговорите со погодените работници ќе започнат на 18 јануари, со отпремнина и поддршка за наоѓање други работни места.
Најпогодени од отпуштањата ќе бидат онлајн продавницата (Amazon Stores) и одделенијата за управување со човечки ресурси, рече тој.
Компанијата со седиште во Сиетл почна да отпушта работници во својот оддел за уреди во ноември, при што извор изјави за Ројтерс во тоа време дека има за цел 10.000 отпуштања.
Амазон вработува повеќе од 1,5 милиони работници на глобално ниво, е втор најголем приватен работодавач во САД и се подготвува за веројатно забавување на растот на бизнисот бидејќи зголемената инфлација ги принудува бизнисите и потрошувачите да ги намалат трошоците.
Според најавата, Амазон ќе укине повеќе работни места од другите големи компании, што ќе претставува брз пресврт за трговецот кој во претходните месеци ја удвои горната граница на основната плата во компанијата за подобро да се натпреварува за таленти, пишува Ројтерс.
Имено, во пресрет на очекуваната рецесија и поради послабите деловни резултати, отпуштања веќе најавија во претходните месеци, меѓу другите, Мета, сопственикот на Facebook, кој рече дека ќе отпушти повеќе од 11.000 работници, Мајкрософт објави дека би отпуштила околу илјада, а во масовни отпуштања веќе започна социјалната платформа Твитер.