Четворица прилепчани обвинети за лихварство


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Четворица прилепчани денес добија кривични пријави под сомнение дека сториле кривично дело лихварство, соопштија од МВР.

Прилепчаните Ј.Т. и З.А. во периодот од 2012 до денес на лица кои се наоѓале во тешка материјална состојба им давале пари на заем со високи камати. Парите, како што велат од полицијата, им ги давале по претходно склучени договори кои содржеле и спогодба за обезбедување на пренос на сопственост на недвижен имот. Договорите содржеле лажни податоци за да бидат присилени оштетените да плаќаат високи камати.

Е.А. посредувал помеѓу оштетените и Ј.Т. за одреден надомест. При потпишување на договорите кај адвокат, без да знаат за висината на каматата, оштетените доставувале имотен лист и како залог ја ставале својата куќа. Парите им биле исплаќани, а на Е.А. му била исплаќана сумата за извршеното посредство за заемот.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против прилепчаните Ј.Т. (39) и З.А. (43), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“, предвидено и казниво по Кривичниот законик на РМ и против лицата Г.С. (46) и Е.А. (37), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“, предвидено и казниво по член 260, во врска со член 24 за кривично дело „помагање“ од Кривичниот законик на РМ“, се наведува во соопштението.

Од полицијата информираат дека, по извршените проверки кај нотари, било утврдено дека биле извршени заверки на потврдување на спогодба за обезбедување со пренос на сопственост на недвижен имот помеѓу Г.С. и должниците. По неисполнување на условите, биле изготвувани договори за пренос на соственост на недвижен имот помеѓу Г.С. и должниците.