Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Kоординатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието, Томислав Тунтев изјави дека СДСМ пред две недели предложила нов начин на пресметка на патните трошоци на пратениците.
„Евидентно е дека прашањето е актуелно и ова е доказ дека ние не бегаме од актуелни прашања и сакаме да дебатираме со јавноста, а тоа оди преку медиумите. Прво, сите се сеќавате дека четири месеци, од нова година до крајот на април, зборувавме дека не се потребни празни и јалови дискусии за нешто што е извесно, за избор на претседател на Собранието. Четири месеци се обидувавме да ги убедиме пратениците од ВМРО ДПМНЕ дека нема потреба да се одолговлекуваат седниците, да се доаѓа секој ден, да се дискутира едно исто со реплика на реплика. Секое доаѓање на пратениците значи и патни трошоци, значи доаѓање на работа. Јас сум од Охрид, јас патувам секој ден. Мене во описот на работата за доаѓање на работа, ми е пет часа дневно во автомобил, јас возам 350 километри во денот и немам избор. Тоа е регулирано законски и од Законот за во Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица и со Одлука за висината за надоместок што ја носи Комисијата за избор и именувања во ова Собрание. Значи, една од причините за големиот број доаѓања на пратениците, беше токму таа и ние со месеци укажувавме дека непотребно доаѓаме и дека непотребно се трошат пари на граѓаните“, вели Тунтев.
Тој додава дека пратеничката група на СДСМ и тој како координатор пред две недели на координаторите на другите пратенички групи им дале конкретен предлог со четири разработени алтернативи како да се укинат патните трошоци, односно кои се начините за можно регулирање на привремениот престој и патување на пратениците што се од внатрешноста.
„Моментално, од 120 пратеници, 71 пратеник го задоволува условот да наплаќа за доаѓање на работа, од нив неколку сме што живееме на најголеми растојанија. Ние не сме виновни што живееме во Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Лабуниша и така натаму. Тоа се пресметува според формула, меѓутоа, знаејќи во каква држава живееме, знаејќи ја економската состојба, знаејќи дека не е во ред за некој месец надоместокот што го добиваме за патните трошоци да биде поголем од платата. Па зошто ме плаќа мене државата? Да бидам шофер или да бидам пратеник кој ќе учествува во законодавниот процес? И знаејќи дека тоа не е добро регулирано на овој начин како што е регулирано, ние како политичка партија изготвивме неколку алтернативи. Значи и во изборната програма рековме дека ќе го реформираме начинот на исплата на патните трошоци“, вели Тунтев.
Тој објаснува дека се работи за четири алтернативни решенија: „Едното е постоечкото, меѓутоа да се регулира онака како што е потребно за да не се злоупотребува. Најголемиот проблем во сегашниот начин во исплата на патните трошоци е злоупотреба на системот. Имало и има пратеници кои не патуваат секој ден, а кои наплаќаат патни трошоци. Со алатки, механизми и активности кои би го спречиле тоа, драстично ќе се намали сумата на патни трошоци што се исплаќаат на месечно ниво. Вие знаете дека некои месеци имаме 25 работни денови, а во мај имавме два работни дена. Значи, не може да се прави просек, па на годишно ниво земаат толку или онолку. Никој од јавноста или медиумите не прашал зошто другите именувани функционери имаат службени возила имаат право на истиов надомест, директори, заменици министри, и така натаму, секогаш на удар се пратенците. Јас како координатор на пратеничка група, морам и ќе се грижам секогаш за достоинството на пратениците и заради тоа ви го кажувам тоа во тој контекст“, објаснува Тунтев.
Втората алтернатива која ја понудил е давање на станови за користење, службени, државни станови. „Порано тоа беше практика, значи за време на мандатот да се користи станот, меѓутоа петок, сабота и недела да ни бидат давани како пратеници за да комуницираме со нашите гласачи од каде што доаѓаме“, додава тој.
Третата алтернатива што ја нудат е со давање надомест за одвоен живот и за изнајмување стан под кирија. Четвртата алтернатива е хотелско сместување на тендер која ќе се одлучи во Собранито или службите на Собранието.
„Ова што ви го кажувам е производ на една сеопфатна обемна анализа која ја направивме, како, на кој начин и колку се исплаќаат патните трошоци на име на пратеници и јас ова го нарачав по моето доаѓање за пратеник во овој дом, Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија направи компаративна анализа за надоместоците за пратеници во одредени земји, ги зедовме земјите од опкружувањето, Југоисточна Европа и земјите од Европа. Сето ова како предлог што им е дадено на моите колеги координатори на разгледување се засновува врз сеопфатна компаративна анализа и позитивни практики во останатите земји“, вели Тунтев.
Тој додава дека пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата во неколку наврати донирале во хуманитарни цели, од патните трошоци. „Дониравме во минатиот состав на три пати во хуманитарни цели и имаме направено фонд за донации и се уште ќе донираме ама тоа не е за јавност, тоа е желба на секој пратеник како се однесува со оние пари кој законски му следуваат.
Доколку во разумен рок до крајов на месецов добиеме мислења и ставови околу одредени прашања јас сум спремен и тим од СДСМ, како пратеници да седнеме и да разговараме за посебна регулација на ова прашање, доколку не, тогаш како партија од мнозинството ќе предложиме нови законски решенија, односно нови одлуки од страна на Комисијата за избори и именувања со кое основната цел ќе биде да се намалат вкупните средства што се извојуваат за патни трошоци, а второ да се спречат сите злоупотреби кој очигледно во годиниве наназд биле реалност во овој законодавен дом“, вели Тунтев.