Чествување на ликот и делото на Ацо Шопов по повод 40 години од неговата смрт


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во скопската Градска библиотека „Браќа Миладиновци” денеска напладне ќе се одржи чествување на Ацо Шопов, по повод 40 години од неговата смрт.

За великанот на современата македонска поезија, како што е најавено, ќе зборуваат д-р Веле Смилевски и д-р Марина Мијаковска. Настанот ќе го води и воведен збор ќе има Братислав Ташковски, а стихови од Шопов ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

Ацо Шопов е еден од основачите на современата македонска поезија. Роден е во Штип на 20 декември 1923 година. Бил уредник на литературните списанија „Иднина”, „Нов ден”, „Современост”, директор и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Кочо Рацин”. Бил активен учесник во Народно ослободителната војна, претседател на ДПМ, претседател на Советот на СВП, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Бил амбасадор во Сенегал, член на МАНУ, член на Македонскиот ПЕН центар и член на ДПМ од неговото основање.

Ацо Шопов е автор на првата повоена книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија „Песни” во 1944 година. Неговото огромно творештво опфаќа 15 првообјавени книги поезија, 17 поетски избори на македонски јазик и 21 поетски избори на странски јазици, наведуваат организаторите.

Шопов за своето творештво и општествен ангажман е добитник на девет книжевни и општествени награди. Починал во 1982 година.