Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“. Со овие зборови на 8 септември 1991 година, тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе на граѓаните референдумскиот резултат, сo кој го остварија вековниот сон на нивните предци за независна и суверена Република Македонија.
Децата родени таа ноќ, во ист ден со Републиката денес ќе го прослават 26-иот роденден. Израснаа заедно со неа во период на еуфорија, но и на скепса. Прашањето „Ќе ја биде ли Македонија?“ во изминативе 26 години беше поставувано многупати – и при напорите за нејзино меѓународно етаблирање и признавање, и по грчкото ембарго, и по атентатот врз претседателот Киро Глигоров, и по конфликтната 2001 година, и по авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, и по „црниот понеделник“ (24.12.2012), и по последната политичка криза, но и по крвавиот четврток (27.04.2017). Од сите тие искушенија, низ дијалог, преговори и договори, некогаш Охридски, некогаш „Пржински“, земјата сепак успеа да се врати на демократскиот и интегративен колосек.
Отворени вратите на Владата
„Македонија слободна, слободно живее“ е слоганот под кој годинава се прославува празникот. Големо црвено платно пред зградата на Владата, на кое се испишани овие зборови, ја најавува централната прослава што ќе се одржи во предвечерјето на македонскиот „трет Илинден“. Во кабинетот на премиерот Зоран Заев веќе стигнуваат првите телеграми од странски државници со честитки за Денот на независноста. Во рамките на прославата, владина делегација претставена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлевски, претпладнево ќе ја посетат спомен куќата на Блаже Конески во село Небрегово.
Попладнето е резервирано за централната прослава која започнува во 17:30 со интерактивна уметничка инсталација и богата уметничка програма. Вратите на владината зграда ќе бидат отворени за изложбата на која преку визуелни елементи се претставени мотиви од независноста и развојот на државата. Најмладите ќе бидат почестени со детска театарска претстава, по што ќе следи и настапот на Dancers United, танцово студио за инклузивни настапи на танчери со типичен развој и со попреченост. На прославата ќе настапи и Гудачкиот квартет Вива стринг, како и хорот при Македонската опера и балет, во чија изведба ќе биде химната на Република Македонија, по што ќе следи обраќање на претседателот на Владата, Зоран Заев. Преносот од прославата ќе биде тест и за јавниот сервис МРТВ, кој во изминатиов период повеќе пати падна на испитот на јавниот интерес (исклучување на преносот од Собранието за време настаните од 27-ми април 2017), како и непренесување во живо на прес-конфернцијата на која Владата даваше отчет за првите сто дена од нејзината работа.
Да прославиме заедно!
По „официјалниот“ дел од прославата следува музички настап. На платото пред Владата ќе продефилираат Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и „Нон Стоп“ со специјален гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, К’пурдат од Тетово, Шутка Рома Рап и хип хоп артистот Слаткар. Тие уште вчера ги повикаа граѓаните на Македонија да дојдат на заедничка прослава на Денот на независноста. Влатко Стефановски, по бројни настапи надвор од Македонија, е среќен што повторно ќе настапува на Денот на независноста, како што настапувал и пред 26 години, на прогласувањето на независноста во 1991 година.
„Драго ми е што со еден голем рок концерт го одбележуваме празникот. Тоа зборува за едно ново чувство, за еден нов дух кој во моментов е присутен во Македонија“, смета Стефаноски.
За разлика од него, „Љубојна“ за првпат настапува на ваков голем празник.
„Музиката отсекогаш била таа што имала главен акцент во целиот културен мозаик на Македонија. Тоа е нешто кое што најмногу е поврзано со слободата на изразувањето, со човековата слобода“, вели Вера Милошевска.
Слична е и пораката на Бени Шакири од „Нон Стоп“: „Им го честитам денот на државноста на сите граѓани на Република Македонија Како би можеле поинаку да го прославиме денот на државноста, ако не со добра музика!“
Македонија е се што имаме
Во годините од осамостојувањето до денес, земјата помина многу периоди кои беа далеку од „музика“, иако со многу „ноти“, но пред се, дипломатски, со битки за признавање, за зачувување на идентитетот, јазикот, културата, мултиетничноста, соживотот.
„Македонија е се што имаме“, предупредуваше првиот претседател на самостојна и независна Македонија, Киро Глигоров, изјава што подоцна беше преточена и во наслов на неговата книга. Утре, на Денот на независноста, делегации на Владата предводени од премиерот Зоран Заев ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште, како и на гробот на Борис Трајковски, уште еден македонски претседател запамтен како борец за мирот, стабилноста и соживотот во земјата. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата.
Извор: ДојчеВеле