Честит нека ни е денот посветен на светите браќа Кирил и Методиј


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Денеска,24 мај, се чествува Денот на светите браќа, просветителите Кирил и Методиј, кои ја создадоа глаголицата и словенската писменост и беа мисионери на христијанството меѓу Словените – е ден кога го одбележуваме нивното значење и нивната работа, за која ја добиле титулата апостоли на Словените.

Браќата св. Константин – Кирил Филозоф (Солун, 826/827 – Рим, 14 февруари 869) и св. Методиј Солунски (Солун, околу 815, Моравија 6 април 885), од благородничкото потекло, од родителите – Лав и Марија, имале можност да се стекнат со престижно високо образование во византиската престолнина Константинопол, движејќи се во највисоките општествени, политички, научни, културни и духовни кругови.

За нивната исклучителна дејност, но и за помалку познати прашања врзани со нивната работа, разговараме со проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа за Факултети.мк раскажува дека во Магнаурската академија Кирил ги совладал научните дисциплини на тривиумот (граматика, дијалектика и реторика), а подоцна и на квадривиумот (математика, астрономија и уметностите). По завршувањето на оваа школа се стекнал и со титулата филозоф. Методиј се истакнал со вештините во военото образование и водел воено-административна управа на Стримонската архонтија (во брегалничко-струмичката област).

– Кирилометодиевското културно наследство има долга традиција на територијата на Македонија, многу показателна и во материјалните и во нематеријалните културни форми. Проследувајќи ја дејноста на светите Кирил и Методиј, од современа перспектива можеме да заклучиме дека пренесувањето на одредени ставови, идеи, идеологии, цели по дипломатски пат, валидни за период над 1.100 години, во својата основа може да претставува проширување и заемно восприемање на цивилизациски вредности и придобивки за европските народи денес – вели професор Јакимовска-Тошиќ.

Интересни се активностите на славните браќа кои се поврзуваат со политичките мисии во тоа време. Професор Јакимовска-Тошиќ вели дека дејностите на св. Кирил и Методиј биле поврзани со византиското мисионерство меѓу туѓите средини. Првата мисија е Сараценска (Арапска), втората е Хазарската и третата е Моравската мисија. Во двете првични мисии воделе полемичка дебата со учените претставници во однос на теолошкото прашање за единството на тројното лице на Бога – Светата Троица.

Од сите мисии можеби најплодоносна била Моравската мисија каде што св. Кирил бил предводникот на мисионерската дејност заедно со брат му св. Методиј. Како што вели проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, тие биле идејни креатори преку словенските просветителски активности да се реализираат главните византиско-моравски воени и политички цели. При подготовките во Солун го направиле следново: Кирил го устроил првото словенско писмо – глаголицата; го стандардизирале старословенскиот книжевен јазик врз основа на македонските словенски говори од околината на Солун; ги превеле од византискогрчки на старословенски јазик основните и најнужни богослужбени текстови; подготвиле свои доследни ученици кои првовремено помагале во почетната реализација на сложената мисионерска обврска.

Во Моравија браќата организирале мисионерска дејност во функција на воведување на словенската богослужба; словенската писменост и книжнина; организирање нов црковен живот; создавање на првите форми на црковни училишта каде што ќе се оспособуваат идните словенски свештеници и архијереи.

Со позната Венецијанска беседа Кирил дефинитивно ја афирмирал идеологијата за еднаквоста на јазиците и на народите, како глобална цивилизациска придобивка на човештвото, од која го издвојуваме следново: „Не врне ли дожд од Бога еднакво над сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зар не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазици, а за сите други народи сакате да бидат глуви и слепи… А ние познаваме повеќе народи што се вешти на книга и секој го слави Бога на својот јазик“, цитира професор Јакимовска-Тошиќ.

По официјализирањето на словенските книги и словенската богослужба од страна на папата Адријан II во Рим, нивната дејност продолжува да се развива. Св. Кирил бил предводник и активен творец во двата историско-политички периоди од одвивањето на Моравската мисија: византискиот и римскиот кај папата. По неговата прерана смрт, св. Методиј го продолжил словенското просветителство. Тој оди повторно во Рим и го добива епископскиот сан, со што станува црковен поглавар на новата Моравско-панонска диецеза. Дури по три години со назначување од новиот папа Јован VIII, Методиј ќе биде ракоположен за архиепископ на сите словенски области, потег на папата за посилно поврзување на словенското население со Римската црква.

Најстариот и веројатно првиот центар каде што светите Кирил и Методиј го етаблираат својот култ е градот Охрид, каде што дејствувале нивните ученици – светите Климент и Наум Охридски. Во кругот на кирилометодиевските ученици и следбеници најистакнато место има св. Климент Охридски, кој, помогнат од Наум во рамките на Охридската книжевна школа, создал своевидни христијански, но и цивилизациски признаци што се потпирале на традиционалните духовни и културни одлики од овој терен. Ликовниот израз на нивните светителски претстави на просторот на Македонија, особено продуктивно создаван во периодот помеѓу XI и XII век, и сè до денес, го определува македонскиот терен како исклучително значаен во поглед на сесловенската културна афирмација. Најстариот приказ на св. Кирил во ѕидното сликарство е идентификуван во црквата „Света Софија“ во Охрид, чии фрески се од времето на архиепископот Лав (1037–1056). Од истиот ран период, надвор од епархијата на Охридската архиепископија, беа идентификувани портрети на Кирил и Методиј во доста оштетена состојба во црквата „Свети Климент Римски“ во Рим, насликани непосредно по смртта на св. Кирил.

– Охрид бил најстариот центар на кирилометодиевскиот култен израз во книжевната традиција и во ликовната уметност на балканските земји. Дури подоцна се бележи зголемување на интересот за дисперзија на култот на солунските браќа во другите културни центри – објаснува професор д-р Маја Јакимовска-Тошиќ.