Честит 5. Мај – Денот на македонскиот јазик


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со неколку настани денеска ќе биде одбележан 5. Мај – Денот на македонскиот јазик, кој беше прогласен во 2019 година со одлука на Владата.

На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.

-Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите, соопшти Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

По повод 5 Мај, Катедрата нагласува дека повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници.

-Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945, денот што денес го прославуваме. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944, на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година, посочува Катедрата за македонски јазик.

Оваа година одбележувањето на Денот на македонскиот јазик за Катедрата има посебно значење зашто по 30 години двете македонистички катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизираа и ги сменија своите називи: Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се преименува во Катедра за македонски јазик, а Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во Катедра за македонски јазик и култура.

-Со овој чекор комплетно се заокружува македонистиката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес им оддаваме почит на сите луѓе, овде и во светот, кои со почит и со љубов се однесуваат кон македонскиот јазик. Денес им оддаваме почит и на сите лингвисти и македонисти што се грижат за унапредување на македонистиката како наука за нашето најголемо, културно и духовно богатство – македонскиот јазик, но и се обврзуваме и понатаму да го чуваме, негуваме, да го афирмираме и да го развиваме како најважен столб на нашиот идентитет и најскапоцено наследство за идните генерации, наведува Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за Денот на македонскиот јазик денеска ќе организира настан на кој гости ќе бидат студентите по македонски јазик и македонска книжевност од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Универзитетот во Тетово, како и учениците од СУГС „Никола Карев“ – Скопје. Излагање на тема „Местото на македонскиот јазик во балканскиот јазичен простор“ ќе има проф. д-р Веселинка Лаброска, а избрани извадоци од македонската литература ќе чита актерот Васил Зафирчев.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, пак, ќе го организира настанот „Лексикографски факти во НУБ – од Пулевски до денес!“ Лексикографскиот развој на македонската авторско-истражувачка и издавачка продукција ќе биде претставена преку изложба на речници од Пулевски до денес.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ исто така денеска ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик, а издавачката куќа ,,Арс Ламина“ на Саемот на книгата ќе организира промотивен настан „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!” – осврт на најзначајните творци на македонската книжевност, меѓу кои Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев.