Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денеска Република Македонија го чествува 8ми септември – Денот на независноста.
Македонија денеска одбележува 31 година од прогласувањето на својата независност, по успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На 8 септември 1991 година, над 95 отсто од граѓаните на Македонија што излегоа на референдумот одговорија позитивно на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
„Нека ни е честита самостојна и независна Македонија!“ – ова беа зборовите на претседателот Киро Глигоров кој на преполниот плоштад во Скопје на 8 септември 1991 година ги официјализира резултатите од референдумот за осамостојување на Република Македонија од Федеративна Југославија во која се распламтуваше граѓанска војна.
На референдумот му претходеше Декларација за независност која беше усвоена на 25 јануари 1991 година од страна на првиот повеќепартиски македонски Парламент. Волјата на народот за самостојна држава беше потврдена и со Декларација за прифаќање на референдумските резултати, потпишана на 18 септември 1991, во Собранието на Република Македонија.
Понатамошен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година додека меѓународно правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година. Тогаш со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на светската организација.