Чешки програмер создаде интерсловенски јазик кој ќе биде разбирлив за сите словенски народи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Зборувај интерсловенски за да те разберат сите словенски народи е идејата на еден професор по информатика на Чешкиот технички универзитет во Прага, Војтех Меруњка. Тој со тимот од странски колеги го финализира проектот за изработка на вештачки јазик преку кој без учење и проблеми спонтано ќе се разбираат сите словенски народи.

Јазикот е наречен меѓусловенски или интерсловенски и има повеќе од 37 илјади збора и поедноставена граматика за да не настануваат проблеми од одредени специфичности на останатите словенски јазици. Професорот при гостување во едно чешко радио изјави дека меѓу првите кои го учат јазикот се Кинези и Хрвати.

„Во минатото панславистите сметаа дека ќе настане еден суперсловенски јазик на кој ќе се објавуваат книги, ќе се играат театарски претстави и уште многу работи. Тоа е бесмислено. Ништо не може да го замени чистиот чешки или руски или полски јазик бидејќи секој јазик си има свои емоции и своја магија“ вели професорот.

Интерсловенскиот јазик тргнува од петнаесет словенски јазици и од нив според математички модел вештачки одбира зборови, а граматиката ја поедноставува максимално за да биде разбирлива за секој.

„Речникот го создаваме со статистички метод. Проверуваме како одреден збор гласи во секој од петнаесетте јазици, имаме коефициенти кој збор повеќе или помалку звучи како друг, колкав е народот кој го зборува јазикот по број и резултатот е речникот“ додава Меруњка.

Целта на проектот е да се олесни разбирањето не само меѓу словенските народи, туку и со странците. Првите заинтересирани за учебник со граматика и речник за интерсловенскиот се кинески бизнисмени во Хрватска кои преку изучување на јазикот ќе можат да комуницираат не само во Хрватска туку и во регионот.

Според тврдењата на идејните творци на словенскиот есперанто, учењето на нареден словенски јазик понатаму би било полесно и побрзо.

Меруњка на почетокот на проектот, за време на летување покрај Мртвото Море, на табла за туристи напишана на англиски јазик додал и реченици на интерсловенски. Околу 80% од туристите од словенските земји успеале да го разберат напишаното на интерсловенски.

Интерсловенскиот јазик ќе биде претставен и на филмското платно наскоро во филмот „Обоена птица“ на режисерот Вацлав Малхул, кој го снима според истоимениот роман од 1965 година на американскиот писател Јежи Косински. Дејството во романот се одвива некаде на истокот на Европа каде што луѓето зборуваат со чуден дијалект, најверојатно некаде на границата на Украина и Полска.

Филмот „Обоена птица“ на интерсловенски јазик ќе има чешки и англиски превод, а светската премиера се очекува во мај 2019 година.

Извор: Иновативност.мк