Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Прага и Братислава вчера објавија заеднички став во кој официјално потврдуваат дека не можат да се согласат со заклучоците предложени од германското претседателство. Главен проблем, како што јави дописничката на МИА од Брисел, е реченицата за „погрешно толкување на историјата“, пренесува Мкд.мк.
Чешка и Словачка му се заблагодаруваат на германското претседателство за обидите да се изнајде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но сметаат дека тие се неприфатливи и дека претставуваат опасен политички преседан за процесот. Во заедничкото соопштение на Чешка и Словачка се потсетува дека заклучоците за Советот на ЕУ треба да „испратат обединета порака“ и имаат директни последици врз иднината на процесот на проширување.
„Со оглед на клучната улога на овој документ и откако внимателно го разгледавме, не бевме во можност да дадеме согласност за нацртот презентиран денеска. Текстот каков што е содржи елементи, вклучително и поимот за фалсификување на историјата, кои смета дека ќе бидат многу штетни за процесот на проширување и можат потенцијално да донесат повеќе компликации во иднина“, стои во заедничкото соопштение на Чешка и Словачка.
Иако документот требаше да се усвои вчера, тој беше одбиен на барање на министрите за надворешни и европски работи на овие две земји, кои се меѓу најцврстите поддржувачи на проширувањето на ЕУ. Во реакцијата се бара овој текст да им биде поднесен на министрите, а не на амбасадорите, со оглед на чувствителноста на темата и процесот.
Двете земји предупредуваат дека оваа формулација поврзана за историјата не е предмет за Европската Унија и дека не ѝ припаѓа на ЕУ да суди кој како се идентификува и каков јазик говори. „Овие прашања припаѓаат на засегнатите страни и тука сме да им помогнеме со нашето искуство во овој процес на лечење“, стои во соопштението.
Прага и Братислава потсетуваат дека се „длабоко разочарани“ што преговарачките рамки за Албанија и Македонија не можеа исто така да бидат усвоени оваа година како што се очекуваше.
Преговарачката рамка за Македонија засега е замрзната додека не попушти Софија, но Германија смета дека се потребни и заклучоци за целиот регион, како што е обичај во декември секоја година.
Неусвојувањето на заклучоците го потврди и чешкото Министерство за надворешни работи. Во официјалното соопштение на шефот на чешката дипломатија Томас Петричек, што го пренесува Радио Слободна Европа, се наведува дека неговата држава силно го поддржува процесот на проширување.
Од бугарската Влада вчера информираа дека премиерот Бојко Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како и нивните тимови се во редовна комуникација на сите теми од заеднички интерес.
„И премиерот Борисов и канцеларката Меркел се заинтересирани да најдат решение за ова прашање. Напорите на бугарската страна отсекогаш биле и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни. Бугарија има целосно разбирање за овие напори на нејзините партнери во ЕУ“, се вели во одговорот од бугарската Влада.
Германската канцеларка Ангела Меркел завчера во Бундестагот одговараше на прашања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Гинтер Крихбаум, кој е од редовите на нејзината партија ЦДУ, а кој упати критики за неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне преговорите со Македонија.
Тој рече дека јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки на ЕУ, кон земјите кандидати, за да ги промовираат своите билатерални прашања.
„Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја-членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија“, праша Крихбаум.
Меркел на тоа одговори дека е во контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов. „Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина“, рече германската канцеларка.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на вчерашната средба во Будимпешта со неговиот унгарски колега Петер Сијарто рече дека завчерашните одлуки во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка се доживува со длабоко разочарување во Македонија.
„Во завчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите – кандидати треба да сторат сѐ за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата. Се согласувам, но сметам дека ‘Слонот во собата’ е повеќе како да се спречи неправилната интерпретација на сегашноста и на иднината“, истакна Османи, посочувајќи на Договорот за распоредување на силите на Фронтекс кој стои заглавен во телата на Унијата, токму поради противењето на Бугарија да прифати да ја признае сегашноста.
Во оваа насока, министерот посочи дека овој предизвик Северна Македонија го има премостено преку билатерални договори со земјите – членки на ЕУ, што дополнително говори за автентичниот европски курс на земјата.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за српскиот магазин „Нин“ вели дека македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит, но мора упорно да се работи на сите отворени прашања и „не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз“. За блокадата на Бугарија, Димитров посочува дека ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, тоа не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.
„Главниот проблем е што под закрила на добрососедските односи и европските интеграции, Бугарија отвори прашања кои по својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, велеше Хари Труман. Ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, нешто што е исклучиво ваше суверено право, и не може да биде предмет на признавање ниту негирање на друга држава“, вели Димитров.
Тоа, според него, никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.
„Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграцијата во ЕУ, во еден сојуз што слави и негува културна и јазична различност на европските народи како своја фундаментална вредност? Поради тоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ, во исто време го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто би постоела ЕУ, ако предуслов за нејзиното создавање би бил сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел од земјите-членки на ЕУ, ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи“, рече вицепремиерот Димитров за „Нин“.
Тој додаде дека мора упорно да се работи на сите отворени прашања и оти не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз.
Во врска со негативните реакциите на бугарската блокада во регионот, и какви се истите во земјава, Димитров рече дека во државава реакциите се слични дури и поостри. „Токму тој песимизам и претворање на еврофили во евроскептици, или дури и еврофоби, меѓу граѓаните, но и внатре меѓу политичките елити, е најголем проблем на овој неуспех на ЕУ“, рече Димитров.
Според него, Балканот нема друг пат туку оној што води кон членство во ЕУ, но тој пат мора да биде отворен, мора да функционира, можност за напредок мора да постои, бидејќи противниците на овој напредок се неуморни и кај нас, но и во странство.
Советник на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми, тврди дека Чешка, Словачка и Австрија не се единствени земји кои се спротивиле на заклучоците на Советот за ЕУ, во кои, меѓу другото, по барање на Бугарија се вметнува формулација за погрешно толкување на историјата.
„Не се само овие три земји, Австрија, Чешка и Словачка, има и други земји кои се на вакво стојалиште, но ете само овие три беа гласни во презентирање на ставот. Ставот на овие три држави околу погрешната интерпретација на историјата праќа порака во смисла, сите кои сме учеле историја знаеме дека Европа има испреплетена историја и тешко е да се дефинира што е што, и дека погрешната интерпетација може да создаде проблеми и во самата ЕУ, па покрај проблеми со буџетот, ковид, Брегзит, да имаат потреба од отворање на други големи прашања, па пораката е дека толкувањето на историјата да се остави на историчарите, а политичарите да ја интерперитраат сегашноста и да создаваат иднина“, рече синоќа Адеми во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.