Чавков дал усна наредба за одземање на снимките од собраниските камери на крвавиот четврток


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, тогаш како актуелен прв човек на споменатата безбедносна структура издал усна наредба да се одземат собраниските снимки вечерта на 27ми април, крвавиот четврток кога беше извршен упадот во Собранието. Преку шефот на обезбедувањето во законодавниот дом Горан Ѓошевски, наредбата усно била пренесена до полицајката која ги имала клучевите од мониторинг-салата.

Таа вчера го сведочеше ова и посочи дека поради авторитетот кој го имал Ѓошевски им ја отклучила салата на обвинетите Сашо Маркоски и Оливер Радулов од УБК. Маркоски и рекол дека преку видео надзорот прават проценки за евакуација. Двајцата се единствените кои одговараат за делото помагање. Кога адвокатите ја прашуваа зошто ја отклучила вратата и послушала наредба од колега кој не и директно надреден, одговори:

„Не беше ситуацијата таква да проверувам каква е наредбата, беа минути или секунди во прашање, како случајот со Села. Наредбата од Ѓошевски не беше кривично дело“ – изјави сведокот.

Додека во тек е најголемиот судски процес од крвавиот четврток се работи и на предистрагата за да ги најде нарачателите. Обвинителството нема да го повика Никола Груевски како сведок оти на 27 април не бил во Македонија.

„Ако сметав дека треба да го повикам, ќе го повикав, реално тој ден не беше во државата“ – изјави Вилма Рускоска.

Преку медиумите Рускоска порача дека во овој предмет се почитуваат правата на обвинетите. На ист став е со главната судијка Добрила Кацарска која пред денешното рочиште им одржа лекција на адвокатите за судење во разумен рок. Кацарска неколку пати ги ловеше адвокатите и обвинетите кога поставуваа веќе одговорени или одбиени прашања и им порача дека сами се виновни за долгите рочишта од по десетина часови.

„Сметам дека со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите, зошто сите до еден се изјаснија за невини и во нивни интерес е шот побрзо да заврши постапката.“ – изјави Рускоска.