Бурна среда во Македонија: Прва пресуда за Груевски, прв лидерски дуел на телевизија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Оваа среда во македонското општество донесува посебно бурни и возбудливи моменти. Три жешки теми го окупираат денеска вниманието на македонската јавност: судската пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за набавката на луксузниот „Мерцедес“, Собранието ќe ја објави листата на кадри кои ќе влезат во кабинетот на Заев со првата владина реконструикција, а вечерва ќе се одржи и прв дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пресудата за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ од 600 илјади евра по обвинението на СЈО под името „Тенк“, без сомнение е она што најмногу го привлекува вниманието на јавноста. Поминаа три години откако пролетта 2015 година беше објавена првата „бомба“ што го откри овој случај. Во јануари 2017 година почна истрагата на СЈО, а во јануари 2018 година започна и судскиот процес. Во пресрет на денешната одлука, вчера пред Основниот суд Скопје 1 беа поставени заштитни метални огради, најверојатно поради разни повици за протести на социјалните мрежи, со кои приврзаници на Груевски сакаат да ја „искоментираат“ одлуката на Кривичниот суд. За делото за кое се товари Груевски предвидена е затворска казна од 1 до 3 години. Обвинителите од СЈО побараа осудителна пресуда, бидејќи набавката била лична желба и хир на експремиерот купена со буџетски пари, при што била фаворизирана една фирма. Груевски критикуваше дека е обвинет „за сакање да се набави блиндирано возило“.

Список за прва реконструкција

Втората тема што го преокупира јавноста, е кои се лицата што ќе влезат во Кабинетот на Заев. Собранието вчера доцна попладне ја примило листата со кадровски предлози за првата владина реконструкција, а денеска и официјално треба да ја објави на неговата веб-страница. Сѐ уште не е прецизирано кога ќе се одржи седницата за реконструкција на Владата. Веќе е потврдено дека досегашната министерка за образование Рената Тренеска Дескоска ќе раководи со ресорот правда, актуелниот заменик-министер за образование Арбр Адеми од ДУИ ќе застане на чело во истиот ресор, а на заменичката позиција во образование ќе дојде пратеникот на СДСМ, Петар Атанасов. Крилото на Движењето Беса предводено од Африм Гаши за министер за култура го предложи Асаф Адеми. Тој беше нејзин кандидат за градоначалник на Гостивар, по професија е градежен инженер со диплома од УКИМ, бил поранешен македонски амбасадор во Данска, а во моментов е директор на данска компанија.

ДПА на Мендух Тачи за министер без ресор задолжен за странски инвестиции го предложи Бардул Даути, економист и поранешен пратеник кој беше и партиски кандидат за градоначалник на Тетово. Мусадик Беќири од ДПА наводно ќе биде заменик министер во ресорот транспорт и врски, каде досега беше кадар на АА. Како предлог за заменик-министер за здравство се спомнува урологот Асим Муса од ДУИ, а заменик -министер во МНР поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.

Прво соочување по 20 години

Бурниот ден се очекува да заврши со уште побурна вечер. Премиерот Зоран Заев вечерва ќе учествува на телевизиски дуел со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По две децении, ова е прво телевизиско соочување на премиер со лидер на најголемата опозициска партија. Последниот таков дуел што го памети јасноста се одржа меѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски во 1998 година. Овој пат ракавицата ја фрли Мицкоски. Пред една недела, по барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи лидерска средба на која сите ќе бидат информирани за разговорите со Грција, премиерот Заев дена понуди тоа да го стори на тет-а тет средба со Мицкоски, бидејќи во моментот немаше можност за лидерска средба поради отсуство на шефот на дипломатијата.

Извор: Дојче Веле