Букршлиев, Омерагиќ, Спировски – „ОДРОН“, за оние со „префинет стомак за џезија“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Новото издание на PMG Recordings во рамки на PMG Jazz програмата, со наслов „Одрон“, со авторски музички потпис на триото Филип Букршлиев, Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ, претставува своевидна возбудлива музчка појава која македонската џез музика, а со тоа и џез-сцена, ја издигнува на ниво од светски калибар.

И не, одма да си бидеме на чисто, вие кои очекувате некој игрив и „анимирачки“ џез на кој ќе можете да си држите ритам со раце или прсти и да подигрувате без да бидете свесни за тоа, тешко дека таква музичка димензија ќе најдете на овој албумски формат.

Ова парче џезија подразбира квалитетен „џезерски стомак“. Резултатот од тоа слушачко патешествие ќе биде импресивно музичко искуство кое ги задоволува и најпрефинетите алтернативни аудитивни вкусови. Без притоа претенциозно и авторитарно да проба да наметне некаков си „џезерски елитизам“. Едноставно – „си бара здрав и издржлив стомак“. Тоа е гаранција за комплетно доживување на естетската димензија на „одронетата џезија“.

Токму тоа ја разгоре возбудата која беше иницирана со најавата на ова издание, а која нè држеше до конечното објавување и неколкукратно преслушување со кое беше преточена во своеиден музички аџилак.

Џез триото тоа таканаречено „расчистување“ (забелешка на авторот) го најавува уште со првата „трака“ од албумот, насловена „Одрон II“, која кратко може да се опише (ако воопшто можеме да зборуваме за такво нешто како „опис на музика“) како дисторизирана „слухопарателна тенденциозност“ која го подготвува „музичкиот стомак“ на џез љубителите за сета онаа амплитудна варијабилност на комплексната музичка дразба што следи до крајот на албумот.

Веќе со втората албумска „трака“, скоро единаесетминутната џез експресија врз темата „Lonely Woman“ од култниот Орнет Колман, Букршлиев, Омерагиќ и Спировски самоуверено и бескомпромисно ја потврдуваат големината и уметничката вредност од светски рамки на нивниот џез албум.

Од мрачноста на џезерската летаргичност, преку делници исполнети со инструментално дисторзирање на слушателските сетила, до опуштеност преку џезерските хармонизации, преку комплексна музичка флуидност на инструменталната виртуозност и „уиграност“, „ОДРОН“ до последниот отсвирен тон на албумот нуди уникатно џезерско „возење“ на кое сигурно ќе му се навраќате секогаш кога ќе почувствувате потреба од музичко возвишение на естетската настројба и состојба.

Песните, поединечно или во трио формат, со исклучок на „Lonely Woman“, авторски се потпишани од тројцата носители на овој музички сензибилитет – Омерагиќ (контрабас и бас гитара), Букршлиев (гитара) и Спировски (кларинет и тенор саксофон).

Продукција: Владан Дробицки/Букршлиев/Омерагиќ/Спировски

Извршни продуценти: Владан Дробицки и Мирко Попов за PMG Jazz

Албумот е снимен во Кино „Фросина“, Скопје, 20 август, 2018 година.

Електронскиот формат на албумот можете да го преслушате, симнете или купите во е-верзија ТУКА.

Добронамерна препорака: Слушајте на добри слушалки – за максимален ефект на „возењето“.

Текст: Александар Еленин