Бугарското здружение во Охрид „Цар Борис Трети“ ќе го смени името


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид ќе си го смени името за што веќе поднесе барање до Централен регистар за усогласување со измените во Законот за здруженија и фондации. Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола на ден пред истекот на рокот, нема доставено барање за измени, пренесува Телма повикувајќи се на извори од Централен регистар.

„До Централен регистар на 10.02.2023 година е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис Трети“ Охрид со измените и дополнувањето на Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето сè уште e во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање“ информираат од Централен регистар.

Измените на Законот за здруженија и фондации беа усвоени лани во ноември, по лавина реакции во јавноста затоа што бугарските здруженија користат имиња на контроверзни личности, докажани соработници на фашистите.

Според измените, Здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на личности кои по било која основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, омраза, геноцид, поддршка на фашизам и нацизам.

Ако здруженијата до 16 февруари не направат усогласувања со измените во Законот, тогаш треба да заседава и да се произнесе Комисијата за употреба на имиња и ставот да го достави до министерот за правда, кој пат во рок од еден месец, односно до 16 март треба да донесе решение. Доколку е негативно, здружението ќе се избрише од Централен регистар.