Актуелно

Бугарскиот претседател Радев од денес во официјална посета на Македонија

Бугарскиот претседател Симеон Радев, од денес, ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Македонија и Бугарија покажаа дека покрај заедничкото минато, можат да имаат и заедничка иднина. Двете земји отсекогаш биле пријателски, а Бугарија ќе продолжи да ѝ помага на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за БГНЕС, непосредно пред дводневната посета во Скопје.

Тој нагласи дека Македонија се одлучи за нова перспектива, а црквите дејствуваат мудро. Според зборовите на Радев, ќе биде огромен успехот доколку Македонија добие покана за преговори за членство во Европската Унија, за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ. Сепак, доколку тоа не се случи сега, двете земји треба да ја завршат работата заедно и Македонија да успее да се интегрира во меѓународните организации.

„Бугарија може и треба да помага, ние отсекогаш сме биле пријателска земја со Република Македонија, па мораме да го споделиме и ова искуство. Како што знаете, секогаш сме помагале, бевме првата земја што ја призна независноста на Република Македонија. Ние бевме тие што помогнавме во тешки времиња, и со економска и со воена помош, па подготвени сме да помогнеме во секое време“, рече Радев.

Во врска со спорот за името, бугарскиот претседател смета дека неопходно е да се пронајде решение кое нема да влијае не само на интересите на Македонија и Грција, туку и на Бугарија.

„Јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи, во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се изнајде решение на најдобар можен начин. Јас сакам да им заблагодарам на премиерот Заев и на претседателот Ѓорге Иванов за храброста, бидејќи она што се случува во Македонија, односно позицијата што ја зазеде раководството на Република Македонија, беше пресвртница. Таа даде шанса за нова перспектива, за која секогаш сме биле отворени во Бугарија. Раководството на Република Македонија рече: Ќе ги оставиме проблемите во минатото, мора заедно да се надеваме на иднината. Се разбира, ние ја поздравуваме таквата политика, тоа е она што секогаш сме го посакувале во Бугарија. Ќе ја поддржуваме ваквата политика и еден ден навистина луѓето од двете страни на границата ќе се чувствуваат како браќа“, рече Радев.

Претседателот на Бугарија утре ќе пристигне во дводневна посета на Република Македонија. Румен Радев ќе биде придружуван од двајца митрополити на Бугарската православна црква.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top