Бугарски функционери земале од 550 до 1.500 евра од секој Македонец за бугарски пасош


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Вицепремиерот на Бугарија, Красимир Каракачанов, земал од 550 до 1.500 евра за секој Македонец што добил бугарски пасош. Кога оваа бројка ќе се помножи со 150-200 кандидати во ден кои земале пасоши, се добиваат вртоглави суми.

Во целата оваа шема Македонците плаќале пари за да добијат лажен сертификат дека имаат бугарско потекло, објави Еурактив.

Вицепремиер, министер и бугарски европратеник, наводно, се одговорни за нелегално продавање бугарски пасоши на странци, според тврдењата на информаторка што обезбедила пакет документи што се чини дека го потврдуваат обвинението, вели Еурактив.

Вицепремиерот Красимир Каракачанов, поранешната министерка за правда Екатерина Захариева (сега министер за надворешни работи) и европратеникот Андреј Ковачев (од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов) се највисоките функционери обвинети за измамата, која им овозможила на илјадници странци да добијат бугарски пасоши за пари и да добијат безвизен режим низ ЕУ, рекол изворот.

Ова Еурактив го дознал од информаторката Катја Матева, поранешен директор на Советот за државјанство, тело што учествува во одлучувањето за доделување бугарско државјанство на странци. Захариева ја отпуштила Матева во 2016 година, откако оваа одбила да учествува во измамата, вели Матева.

Еурактив ги повикал Каракачанов, Захариева и Ковачев да одговорат на обвиненијата против нив. Првите двајца за веб-страницата рекле дека се изненадени од обвинувањата, додека Ковачев подоцна негирал каква било одговорност.

„Би сакал категорично и силно да ги отфрлам овие обвинувања и да ги отфрлам инсинуациите направени тука“, рекол Ковачев за Еурактив по имејл.

Државната агенција за Бугари во странство беше предмет на огромен скандал по откритијата дека издавале лажни сертификати за бугарско потекло, документ врз основа на кој може да се даде бугарска националност и лични документи.

Скандалот „Пасоши за пари“ може да ја собори владата на Бојко Борисов. Шефот на агенцијата, Петар Харалампиев, беше уапсен по обвинувањата дека е дел од организиран криминал. Харалампиев беше назначен по препорака на ВМРО, партијата на Каракачанов.

Додека траеше истрагата на Агенцијата, сума во вредност од околу 285.000 евра во готовина била пронајдена во сеф што му припаѓал на Красимир Томов, главен секретар на оваа институција. Томов е во притвор, заедно со Харалампиев и уште двајца функционери, осомничени дека се дел од организирана криминална група.

Во понеделникот (26 ноември) Борисов ненадејно објави дека Агенцијата, која е клучна за давањето пасоши, ќе биде затворена. Борисов тврди дека и други институции, како што се министерствата за правда и за внатрешни работи, можат да ја завршат работата.

Сепак, подоцна во понеделникот, Каракачанов возврати дека тој предложил наместо со агенција, Бугарите во странство да бидат опфатени со сосема ново министерство.

Извор: Мкд.мк