Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Весела Чернева, бугарска пратеничка и советничка на бившиот бугарски премиер премиер Кирил Петков, е под истрага дека ѝ оддала тајни информации на Македонија во преговорите меѓу Скопје и Софија. Таа е осомничена дека го „координирала ставот на бугарското Министерство за надворешни работи со македонски државјанин во текот на преговарачкиот процес на македонија со Европската Унија“.
Пламен Тончев, шефот на државната Агенција за национална безбедност – ДАНС, за време на расправата во бугарското собрание известил за случај во кој советничка на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков ги координирала официјалните бугарски позиции со државјанин на Македонија.
„Во рамките на спроведувањето на законските овластувања на агенцијата во насока на одредба за контраразузнавање, констатиран е случај во кој тогашен советник на премиерот ги координирал ставовите на Министерството за надворешни работи со државјанин на Република Северна Македонија“, рекол Тончев од собраниската говорница, пренесуваат бугарските медиуми.
Според директорот на ДАНС, информацијата ја добил од државен службеник од Македонија. Одговорот на Тончев бил по прашање на пратеникот од редовите на Преродба, Ангел Георгиев.
„Дали се обезбедени информации во текот на преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за пристапување во ЕУ? Имаше ли протекување информации до македонската држава, дали беа однапред подготвени за чекорите на бугарската држава? Дали е-пошта тајно беше проследена од бугарски официјални лица до оние на Република Северна Македонија? Дали се известени во телефонски повици? Дали им биле доставени тајни документи“, прашал пратеникот, нагласувајќи дека се работи за шпионажа.
Според Тончев, во последниве две години се утврдени два случаи во кои документи на агенцијата биле достапни на надворешни извори.
Во бугарските медиуми се шпекулира дека хајката против Чернева е со цел да се делегитимира партијата Продолжуваме со промената на Кирил Петков и нејзиното учество во можната нова влада која треба да има ротациски премиер. Денеска мандатот за формирање влада го доби Никола Денков од про-западната партија Континуирана промена.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи пак, за порталот 360 степени изјави дека во тој период при разговорите со Чернева бил направен најмал исчекор.
„Со Весела Чернева, како советничка на бугарскиот премиер Кирил Петков, ги водевме најтешките преговори“, изјави Османи за 360 степени.