Бугарите ни фаќаат сеир, тоа е: „Бугарка вербално линчувана во Скопје“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Софиски „Труд“ денес излезе со наслов „Бугарка вербално линчувана во Скопје“ за текст посветен на случајот со кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а за која СДСМ објави документи кои, според владејачката партија, се доказ дека таа има бугарско државјанство.

Дали е лошо да си Бугарин во Македонија? Од тонот и сугестиите на официјалната прес-конференција на владејачката партија СДСМ на Зоран Заев во Северна Македонија, тоа е лоша работа, коментира “Труд“, посочувајќи дека пратеничката на СДСМ Славјанка Петрова „открива голема ’тајна’ – дека главната претендентка за градоначалничката фотелја во Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство.

„Актуелниот градоначалник на главниот град, Петре Шилегов, кој кај нас стана познат по тоа што е антибугарин и по тоа што не обезбедува заштита од вандалите на споменикот на Гоце Делчев во Скопје, зашто тој е подарок од Бугарија, в недела ќе се соочи со независниот кандидат за градоначалник Данела Арсовска. На огромен екран зад говорницата на Петровска беше прикажан Указ за бугарско државјанство, но не на Данела Арсовска, туку на Даниела Арсовска. Дали е ова Указ за бугарско државјанство на дотичната жена, овде не станува збор. Исто така, не станува збор за тоа дека бугарското државјанство се добива со документ за бугарско потекло и, ако Данела Арсовска и Даниела Арсовска се исто лице, тоа значи дека тоа лице доставило документи за своите предци дека на времето се декларирале како Бугари’, пишува „Труд“.

Весникот понатаму коментира дека Петровска, со растреперен глас, како да станува збор за страшна и безобразна тајна, соопшти пред медиумите дека кандидатката за градоначалник на Скопје „десет години имала резервна татковина!“. Ставот на СДСМ, како што се наведува, го засилува уште еден „страшен“ факт од биографијата на Арсовска – дека е поврзана со друга земја на ЕУ како почесен конзул на Република Унгарија.

Специјално за весникот „Труд“, претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, коментира дека во Македонија различни граѓани имаат владини функции, вклучително и Срби, но во Северна Македонија никогаш не било доведено во прашање дека Србите ги бранат „странските интереси“. Ова не може ни да им помине низ умот. Идеологијата од времето на комунистичка Југославија, дека Србите се наши браќа, а Бугарите наши непријатели, останува до денес, коментира Стојанов.