Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Официјална Софија вчера усвои усогласена декларација во која се поместени серија услови и закани за блокада на Македонија на патот кон ЕУ. Меѓу нив се и тие со кои се тврди дека не треба да се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“, пренесува Дојче Веле.
Бугарската влада усвои рамка која содржи повеќе од 20 услови кои Македонија ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Соопштението од бугарската влада по состанокот започнува со ставот дека „Бугарија го поддржува почетокот на пристапните преговори со Македонија и Албанија“, а под него се наредени серија услови, квалификации и забелешки кои задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните.
Најпрво, Бугарија се заканува дека „нема да дозволи интеграцијата на Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа”, а истиот пасус финишира со оценката дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.”
Софија натаму нотира дека „добрососедските односи имаат хоризонтално значење и следствено треба да се оценуваат во секоја етапа од процесот на пристапување на земјите кандидати“. Оттука на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 15 октомври ќе се бара целосното исполнување на Договорот за добрососедство да биде наведено како уште еден услов во преговорите.
Бугарија сега најавува дека ќе ја блокира и првата меѓувладина конференција, со која формално започнуваат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, доколку до нејзиното одржување не биде забележан „реален напредок во исполнувањето на духот и словото на Договорот за добрососедство“.
Под „реален напредок“, Софија подразбира откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија; почеток на процес на рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“; нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна Македонија; и системско отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи.
Следната серија услови се однесува на работата на мешовитата историска комисија. Таа ќе треба да се усогласи за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година”, а меѓу нив се набројуваат „Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание“. Откако Комисијата ќе ги усогласи тие ставови, истите ќе треба да се пресликаат на информативни табли и други ознаки на историски и културни споменици. Ќе треба да се договорат и конкретни датуми за одбележување на заеднички настани и личности, но притоа, „политичките претставници, претставниците на државните институции во Македонија, како и медиумите финансирани од државниот буџет“ ќе мораат „да ги засноваат своите изјави и коментари на текстовите кои ќе ги договори Комисијата.”
Третата група услови се однесува на самиот тек на преговорите со ЕУ. Тука, Софија предлага освен Поглавјата 23 и 24 кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат отворени до крајот на процесот, да остане отворено и Поглавјето 35 (Други прашања), во кое одново се наметнува обврската да се следи почитувањето на Договорот за добрососедство. Клучното барање во овој дел е никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Македонија“. Доколку, како што се наведува, „постои апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Македонија“. Ова барање финишира со заклучокот дека „треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.”
„Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на ткн. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот“, заклучува бугарската влада.
Кога ќе дојде на ред Скопје да ја одржи втората меѓувладина конференција, Софија сака веќе да биде исполнета уште една серија услови. Имено, дотогаш историчарите ќе треба да постигнат согласност за уште една група личности и настани од историјата до 1944 година (не се наведува кои); потоа дотогаш ќе треба „да се хармонизираат училишните програми по историја и литература во двете земји“, и дополнително: „историските и литературните извори од 19 и 20 век, паралелно со адаптираните текстови, да се претставуваат и изучуваат и во оригиналната форма на која биле напишани“.
Во следната фаза од преговорите, Бугарија ќе инсистира Македонија да ја приложи „учебната програма по историја, географија и литература“ од основните училишта до универзитетите во кои веќе ќе бидат имплементирани сите договорени одлуки на историската Комисија. Истото се однесува и на спомениците во земјата. Во оваа фаза ќе се бара и „надминување на говорот на омраза во јавниот простор“, особено кон лица кои се идентификуваат како Бугари, но и поголема транспарентност за сопственоста и финансирањето на медиумите.
И конечно, исполнувањето на сите овие барања ќе се земат предвид во последната фаза од преговорите, кога Бугарија ќе треба да го потпише и ратификува договорот за членство на Македонија во ЕУ.