Буфон искрено за поразот од финалето 2003 и зошто не славеше кога ја отпаднаа Барса


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, говореше за тоа зошто не славеше после елиминацијата на Барселона во четвртфиналето од Лигата на шампионите и колку би му значело да го освои престижниот шампионски европски пехар.

Многумина не го сакаат Јувентус како клуб, но веројатно не постои фудбалски фан кој не го почитува чуварот на мрежата од „Старата дама“, „ел гранде“ Буфон. Во предвечерјето на полуфиналниот реванш од Лигата на шампионите со Монако, искусниот голман проговори за поразите од минатото кои и понатаму го болат, како и мотивацијата да го освои престижниот европски пехар и да игра фудбал и во 39-та година од животот.

„Имаме голема желба да се искупиме за поразот во Берлин пред две години. Но, и за Манчестер Јунајтед од 2003. Така што, како што си го враќа филмот, пронаоѓам многу повеќе мотиви. Пред две години Барселона не доби и тоа во моментите кога бевме „на конец“. Вториот гол го примивме после контранапад“, вели Буфон за сајтот на УЕФА.

Признава дека му било полесно пред 14 години, бидејќи бил помлад, а верувал и дека ќе има уште шанси во животот.

„Поразот на пенали во 2003 година беше многу болно искуство, но бидејќи тогаш имав 25 години, релативно мирно го примив истиот. Бев убеден дека ќе освојам неколку титули во Лигата на шампиониоте. Така е тоа кога сте млади. Бевме блиску до победа, Милан промаши три пенали, од нив два одбранив јас. Едноставно, тогаш не ни беше судено, не бевме доволно добри. Тоа е спортот, тоа е животот. На крајот, оние кои го заслужуваат тоа, биваат наградени“, искрено се потсетува и признава Џиџи.

Оваа сезона,вели, не прославувал претерано, дури ни кога Јувентус ја елиминираше моќната Барса со фантастичното трио Меси-Нејмар-Суарез, и тоа без примен гол. А тоа, секако, беше своевиден реванш за оној пораз во Берлин.

„После реваншот со Барселона бев многу среќен, но не славев и не се радував многу, бидејќи знам дека на крајот или ќе имам шанса да го прославам освојувањето на пехарот или ќе бидам разочаран. А бидејќи досега повеќе пати сум бил разочаран, сега сакам да победам, па да си дозволам да го прославам тоа на вистинскиот начин“.

Буфон со Јувентус има освоено повеќе домашни трофеи во Италија, а во досегашната кариера најголем успех му е титулата светски првак со италијанската репрезентација. Евентуалното освојување на Лигата на шампионите го става во ист ранг со светското првенство.

„Лигата на шампионите многу би ми значела. Реално, тоа би било најголемото достигнување во кариерата, заедно со освоениот Мундијал во 2006 година. Тоа воедно би била и награда за патот кој беше тежок, а беше потребно и многу храброст, тврдоглавост и работа за да се стигне тука“.