Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во 2001 година во Република Македонија, кај Татиќев Камен во општината Старо Нагоричане, беше откриен археолошки локалитет од бронзеното доба со огромно значење за следењето на развојот на човековата цивилизација. Пронајдените артефакти во археолошките кампањи, како и спроведената археоастрономска анализа во годините кои следеа, покажаа дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина, но и на древна опсерваторија. Денес овој локалитет е познат под името Мегалитска опсерваторија Кокино или едноставно Кокино.
Преку седумте маркери кои се наоѓаат раштркани меѓу строгите и врвични карпи на Кокино, пред речиси 4.000 години, поточно околу 1.800 година пред нашата ера, древна цивилизација која опстојувала во оваа околина ги набљудувала промените на небото, поточно изгревањата на сонцето и месечината во одредени периоди од годината – пролетна и есенска рамноденица, летна долгодневица и зимска краткодневица. Исто така, низ тие маркери биле набљудувани и отклонувањата на месечината преку кои било забележано дека во тој период, месечината го повторувала својот пат на небото по идентична траса на секои 19 години.
Дека навистина станува збор за маркирање на местата на изгревањена Сонцето и Месечината покажуваат и документарните фотографии на изгревање на Сонцето над камениот маркерво денот на летната долгодневица. Заради прецесијата на земјината оска на ротација денес Сонцето изгрева малку подоле и полево од маркерот, но токму тоа е доказ за прецизноста на поставениот камен маркер, затоа што овие отстапувања ги предвидува и егзатната астрономска анализа. Ваквите факти ги уважи и Американската вселенска агенција НАСА и во 2005 година ја рангираше Мегалитската опсерваторија Кокино на 4-тото место на листата на стари опсерватории во светот.
Да се биде дел од ова астрономско, но и духовно доживување (треба да се потенцира дека пред речиси 4.000 години населението на ваков начин го мерело времето, но и животот на својата опстојба) не е само привилегија за која не е потребен голем напор (треба само на еден од овие денови да се отиде до Кокино рано наутро), туку и инспирација која ги полни духовните сфери со митска енергија. Поради тоа, екипа од петмина ентузијасти и непоправливи авантуристи, решивме и да ноќеваме на Кокино, со цел што поавтентично и покомплетно да го доживееме целиот тој ритуал. Вака некако, низ фотографии и коментари, го доживеавме целиот тој астрономско-духовен ритуал кој го облагородува духот, збогатен со изворната енергија на митските карпи од Кокино.
Вдомување во раната ноќ на северната платформа на Кокино – првично поклонение на источното небо и мераци во ноќевањето на древната тераса од Татиќев камен.
Ноќен поглед на дел од мегалитските маркери преку кои пред речиси 4.000 години се мерело времето…се мерел животот.
Предизгревна синевина – спокојно утринско студенило на Кокино, во очи изгревот кој ќе ја означи пролетната рамноденица.
Источното небо почнува да зоврива во чест на новото прерождение на Природата.
Она за кое дојдовме, за кое опстојувавме и постоевме на Кокино. Точно на конкретниот маркер за пролетната и есенската рамноденица (нормално, поради остатпките на земјината оска, оваа појава не е визуелно прецизна од астрономската платформа, па мора да се „бара“ конкретно место). Духот на Сонцето го буди поривот на Природата која не облагороди со уште една првична и врвична иницијациска прегратка во својот прерожденички возвис.
Утринската сончевина ги оплодува строгите карпи на Кокино.
Контрастни дразби – рамноденичните сончеви зраци и темничните мегалитски врвичности. Силуетата на Поетот е гратис во композицијата.
Утринска синестезија на карпестата енергија и стремежот кон небесната недофатимост.
Разгледница под Кокино – фантастичен поглед до недоглед.
Поглед на јужната, астрономска платформа, со престолите.
Јужната платформа во крупен кадар
Вгордеана торжественост – митските обредни престоли на Кокино.
Бела пролет на Кокино
Жолта пролет на Кокино
Пролетта дефинитивно долета
Фотографии и текст: Александар Војнески