Британската актерка Ема Корин ќе ја игра принцезата Дајана во филмот „Круната“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во четвртата сезона од популарната серија „Круната“ („The Crown“) британската актерка Ема Корин ќе го игра ликот на починатата принцеза Дајана. Оваа одлука била донесена откако актерката ги освоила симпатиите на режисерите на серијата.

Одлуката од Netflix ја потврдија преку Твитер, додавајќи дека снимањето на сезоната ќе почне оваа година. Корин рече дека е „мошне возбудена и почестена“.

„Залепена сум на оваа серија уште од првата епизода и фактот дека сега му се приклучувам на ова неверојатно талентирано семејство е надреален. Принцезата Дајана беше икона, а нејзиното влијание врз светот останува длабоко и инспиративно. Да добиете шанса да ја истражувате преку делото на Питер Морган е најизвонредната можност, и јас ќе се трудам верно да ја пренесам“.

Таа ѝ се приклучува на актерска екипа во која се Оливија Колман, која ќе ја замени Клер Фој како кралицата Елизабета во третата сезона, која ќе биде прикажана годинава, и Хеленa Бонам Картер, која ќе ја игра принцезата Маргарет.

Авторот на серијата Морган рече: „Ема е брилијантен талент, кој веднаш нè освои кога влезе за улогата на Дајана Спенсер. Покрај тоа што ги има невиноста и убавината на младата Дајана, таа ги има и, во изобилство, распонот и комплексноста да прикаже една извонредна жена, која од анонимна тинејџерка стана најлегендарната жена на својата генерација“.

Втората сезона на „Круната“ зеде пет Еми награди, меѓу кои и за најдобра актерка за Фој и за најдобар режисер на драма за Стивен Далдри.