Борис Џонсон и официјално нов премиер на Велика Британија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Лидерот на британската Конзервативна партија Борис Џонсон, и официјално ја презеде премиерската функција на Велика Британија.

Во неговото прво јавно обраќање од Даунинг стрит, Џонсон порача дека неговата работа е да му служи на народот и дека Британија ќе ја напушти Европската унија на 31 октомври.

„Британците долго време чекаа и конечно дојде време да добијат силен лидер. Моја работа е да ви служам вам на народот“, рече тој.

Од Бакингемската палата претходно беше соопштено дека Џонсон ја прифатил понудата на кралицата Елизабета втора да стане премиер на Велика Британија.

Џонсон испрати порака до Европската унија, велејќи дека сака договор, но исто така и дека е подготвен да ја напушти ЕУ без договор.

„Не затоа што така сакам, туку затоа што е разумно да се биде подготвен за такво нешто“, порача тој.

Тој додаде дека Велика Британија ќе биде подготвена за секој исход. Исто така, се обврза и да работи на националниот здравствен и социјален систем.

„Дојде време да се дејствува, да се одлучи, да се даде силно водство и нашата земја да се смени на подобро“, заклучи тој.

Додека влегувал во автомобилот и заминувал од Даунинг стрит, го дочекала толпа која го исвиркала.