Борел порача дека не може да вети датум за преговори за Македонија, Ковачевски апелира ЕУ да делува стратешки и храбро


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ништо ново за Македонија од посетата на високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел во однос на преговорите на Македонија со Европската унија.

Тој на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека не може да даде конкретно ветување дека преговорите на земјава ќе почнат во јуни. Сепак, истакна дека руската инвазија врз Украина, Европа треба да ја сфати како момент на будење и да има забрзани чекори кон интегрирање на Западниот Балкан. Борел потсети на отворените прашања што Бугарија ги наметна кон Македонија и повика тие да бидат решени за да не се загрозува европскиот процес.

„Гледам многу подобро сега дека меѓу двете влади меѓу двата премиера дека има многу поцврста волја да се постигне решение. Затоа што исто така, повторувам, дека, билатералните прашања не смеат да загрозуваат никаков веќе процес на пристапување дури ни ако се засновани на етничко-лингвистички согледувања. Значи тоа е нашата заложба. Не можам да ви ветам датум, меѓутоа, можам да ви ветам волја“, рече Борел.

Премиерот Ковачевски сепак истакна дека сегашната состојба на статус кво не оди никому во прилог и дека блокадата на преговорите на земјава се чувствува во целиот регион и затоа е потребан силна и јасна европска перспектива.

„Европската унија и сите земји членки треба да делуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската унија. Единствено Европа која е целосно обединета може да е силна Европа. Сегашната состојба на статус кво е состојба која никому не оди во прилог. Сите ние мораме да најдеме начин како да ги надминеме предизвиците кои стојат пред нас.“, рече Ковачевски.

Борел и Ковачевски голем дел од разговорите посветиле и на кризата со руската инвазија врз Украина, за што беше истакнато дека Македонија се ставила на вистинската страна со тоа што се придружила на санкциите на кои повика Европската унија. Инаку, високиот европски дипломат имаше средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски, министрите за надворешни работи Бујар Османи и за одбрана Славјанка Петровска, потоа со собранискиот спикер Талат Џафери и лидерите на опозициските партии.