Home Актуелно Борел: На Белград и Приштина им беше доставен ажуриран текст од француско-германскиот план за дијалог меѓу двете страни

Борел: На Белград и Приштина им беше доставен ажуриран текст од француско-германскиот план за дијалог меѓу двете страни

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, денеска за јавноста потврди дека официјални Белград и Приштина го добиле ажурираниот текст на т.н. француско-германски план за дијалог.

„Последната верзија на текстот беше испратена во Белград вчера, а денес во Косово. Тие (Косово и Србија н.з.) сега мора да се вклучат во сериозна дискусија бидејќи ова е момент кога постои голема можност“, рече Борел во Тирана, каде што учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.

Планот на Европската Унија поддржан од Германија, Франција и Соединетите Американски Држави (САД) е составен дел од дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак вчера во Белград се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а денеска во Приштина разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти.

Засега нема официјални информации за содржината на предлогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Некои медиуми го објавија наводниот текст на предлогот, чија автентичност не е потврдена од ниту еден од релевантните актери во процесот.

За постоењето на француско-германскиот план прв проговори српскиот претседател Александар Вучиќ.

На 8 октомври тој изјави дека Франција и Германија претставиле предлог Србија да дозволи влез на Косово во меѓународните институции и организации, вклучително и Обединетите нации (ОН) во замена за брзото членство на Србија во ЕУ.

Тој додаде дека Србија нема да биде „понатамошно понижувана и принудена формално да го признае Косово“, но ако не реагира ќе даде тивок сигнал дека се согласува.

Како што рече Вучиќ, ова е неприфатливо за Србија, но посочи дека е неодговорно и несериозно да се фрла француско-германскиот предлог низ прозорец.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…