Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонија на задоволително ниво спровела четири препораки, додека девет се делумно имплементирани, а десет препораки не се имплементирани, пишува во извештајот за петтиот круг на евалуација на GRECO (Group of States Against Corruption) којшто се однесува на „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (лица на кои им се доверени највисоките извршни функции – ЛНИФ) и органите за спроведување на законот (ОСЗ)“.
GRECO го поздравува усвојувањето на новиот Етички кодекс за лица кои вршат највисоки извршни функции во кој за прв пат се воведоа правила за интеракција на лица кои вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети лица кои сакаат да влијаат на јавниот процес на одлучување. Како позитивни случавања се наведуваат и ревизијата на владината Уредба за прифаќање подароци во јавните институции, вклучително и централната власт, како и изготвувањето на Практичниот водич со јасни индикации до лицата кои вршат највисоки извршни функции за тоа како да се идентификуваат судирите на интереси. Притоа се наведува дека членовите на владата се обучени за Кодексот, судир на интереси и други прашања кои се однесуваат на интегритетот.
За GRECO не е прифатливо и компатибилно со практиката на телото давањето на имплементацијата на Кодексот на однесување во рацете на вицепремиер кој има надлежност да истражува и санкционира прекршувања и истовремено треба да обезбеди и доверливо советување и собирање докази за прекршувања на Кодексот. Исто така, загрижува и постојаното отсуство на проценки на ризикот за интегритет и редовните проценки на влијанието на мерките за интегритет во централната власт. „Иако во буџетот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се внесени значителни финансиски ресурси, таа сѐ уште не е целосно функционална и не може правилно да ги извршува своите должности според законите кои се на сила во моментот. Посебна загриженост е значителниот број на судир на интереси и случаи на откривање на средства кои опфаќаат лица кои вршат највисоки извршни функции, обработени од ДКСК“, пишува во една од забелешките на GRECO.
Оттаму додаваат дека не изгледа дека е спроведена соодветна анализа на практичната примена на санкциите за судир на интереси и други повреди на интегритетот, ниту пак дека овој режим на санкционирање е ревидиран за да се обезбеди дека ги исполнува предусловите за ефективност, пропорционалност и обесхрабрување.
Во однос на полицијата, како позитивни се наведуваат достапноста на Интернет на информациите за буџетот, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност, како што го нарекуваат „една од најтајните владини структури“. Позитивно е и тоа што се преземаат подготвителни чекори за воведување на тестирање на интегритетот за лица кои влегуваат во полицијата, како и полициски персонал во текот на целата нивна служба. Но, треба да се направи проценка на влијанието на годишните антикорупциски програми на полицијата, а оперативната оперативната независност на полицијата да биде усогласена со стандардите на Советот на Европа за демократско полициско работење и нејзината деполитизација да биде обезбедена во закон и во пракса.
Кои се неисполнетите препораки од GRECO:
-Анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата/легислативата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција и обезбедување дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки.
-Обезбедување доволна оперативна независност на полицијата во однос на МВР и истата да се осигура во пракса да се преземат релевантни мерки со цел да се обезбеди индивидуалните должности на полицајците да бидат соодветни со постојните правила за интегритет и непристрасност со цел да ги извршуваат своите функции на политички неутрален начин во пракса (на пр. преку свесност, обука, санкции итн.
-Усвојување на фокусирани, ориентирани кон резултати и консолидирани политики за спречување на корупцијата и интегритет за полицијата, целосно интегрирани во националниот анти-корупциски процес на планирање, засновани на систематски и сеопфатен преглед на областите склони кон ризици од корупција, придружени со целни мерки за ублажување и контрола кои се предмет на редовна евалуација и проценка на влијанието.
-Воспоставување на релевантен механизам во рамки на полицијата со цел управување со ризиците од корупција.
-Обезбедување дека регрутирањето во полицијата, вклучувајќи директно регрутирање и трансфер од други институции, е компетитивно и базирано на објективни и транспарентни критериуми и постапки; и воведување на проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата.
– Да се воспостават објективни и професионални критериуми за назначување на Директорот на полицијата (Бирото за јавна безбедност), кои одговараат на потребите на таквата позиција.
-Воведување објективни и транспарентни критериуми и процедури за периодични проверки на интегритетот на полицискиот персонал; и резултатите од таквите проверки да се користат во постапките за унапредување.
-Властите да ја анализираат потребата од воведување на обврска за пријавување на имот/интереси од стана на највисокото раководство и/или одредени позиции во полицијата, со цел да се воведат такви правила.
-Обезбедување на автономија и независност од несоодветно влијание на механизмот за внатрешна контрола на полицијата и обезбедување на соодветен мандат, ресурси и експертиза.
-Значително да се зајакнат мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата и соодветни информации да се направат достапни за јавноста.
Според GRECO забележува дека е неопходен понатамошен напредок за да се демонстрира прифатливо ниво на усогласеност со препораките во следните 18 месеци, а дополнителни информации за спроведување на неисполнетите препораки да достави до 30 септември 2022 година.
Извор: Мкд.мк