Бомбе – опасна дрога која зависниците ги претвора во „зомби“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во африканската метропола Киншаса од неодамна сѐ повеќе луѓе може да се видат како стојат на патот, како зомби. Под дејство на новата дрога наречена бомбе, тие едвај се движат и целосно се отсутни од моменталната реалност.

Главната состојка на новиот наркотик доаѓа од наслагите во автомобилските катализатори.

Измешан со лекови, се создава отровен коктел, кој, како што се надеваат многу млади луѓе во Киншаса, носи комплетно бегство од неподносливата реалност.

Видео објавено на Јутјуб покажува двајца зависници како стојат на улица во главниот град на Демократска Република Конго – ги посматраат деца и еден маж. Тие се целосно отсутни, нивните тела се подгрбавени, чудо е како сѐ уште можат да стојат.

Има многу слични видеа на социјалните мрежи. Луѓето ги нарекуваат зомби. Сите тие ја земаат новата дрога: бомбе.

Во двор во Киншаса три момчиња ја подготвуваат својата доза. „Ова е навистина добар квалитет. Чувството е подобро отколку да си со жена“.

Кафеавкастиот прав се меша со други елементи, а потоа најчесто се шмрка – слично на кокаинот. Дел се остава за да се измеша со тутунот во цигарите.

Еден од мажите објаснува: „Повеќе ја сакаме бомбе отколку другите дроги, бидејќи навистина комплетно се онесвестуваме. Станувате многу смирени и уморни. Потоа само стоите или седите некаде, многу долго време“.

ДР Конго има повеќе од 90 милиони жители, а околу 15 милиони луѓе живеат во метрополата Киншаса.

Киншаса е еден од најскапите градови во светот, барем за странците.

Има тенок слој супербогати и огромна маса многу сиромашни. За повеќето, всушност, нема шанса еден ден да излезат од таа беда.

Дрога за очајници

„Бомбе“ на локалниот јазик лингала значи – голем, моќен, силен – и тоа е најдобриот начин да се опише нејзиното дејство. По кратка еуфорија, го доведува човекот во состојба како кома. Со цел корисниците да не заборават целосно на храната, во дрогата се измешани и стимуланси на апетитот.

Главната компонента, сепак, доаѓа од автомобилските катализатори. Таа се гребе и се меле во кафеавкаст прав и содржи платина, родиум и цинк оксид.

Тоа е и повеќе од отровен коктел, предупредува претставникот на Светската асоцијација за лекови во ДР Конго, Денди Јела Јолембе: „Голем е ризикот што ние сѐ уште не ја знаеме оваа дрога и што му прави таа на човечкото тело. Едно е сигурно: никој не би требало во организмот да внесува супстанција направена за автомобили“.

Според лекарите, бомбе предизвикува оштетување на белите дробови и срцето, а на долг рок најверојатно предизвикува и рак. Има информации за одделни смртни случаи, но официјална статистика сѐ уште нема.

Претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, повика на акција против продажбата на дрогата, вели Ројтерс.

Набргу потоа, полицијата ѝ покажа на јавноста неколку уапсени дилери и запленети ќесички со дрогата.

Една доза чини само еден долар – релативно евтино и за Конго, каде што оброкот во ресторан чини околу 30 долари.

Но кампањите досега не помогнаа. Бомбе е дрога на очајници што повеќе немаат што да загубат – а нив, особено меѓу младите луѓе, ги има многу во главниот град на Конго. Тие живеат од денес за утре и не гледаат перспектива. А новата дрога бомбе е евтина, практично се наоѓа на улица.

Тресоре Кадого е автомеханичар во Киншаса. Секој ден се среќава со феноменот на новата дрога: „Постојано ми доаѓаат сопственици на автомобили чијшто катализатор е украден. Пет до десет секој ден. Деловите морам да ги нарачувам во Европа. Тоа е скапо и комплицирано“.

Оваа дрога на улиците во Киншаса ја има сѐ повеќе. Бомбе носи целосен заборав. А тоа се бара денес во Конго.