Бомба во велосипедискиот свет: „Sky“ го напушта велосипедизмот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Компанијата Sky до крајот на наредната, 2019 година, излегува од светот на спортскиот велосипедизам и екипата која го носи истото име.

Тимот до крајот на наредната година ќе настапува под името „Sky“, а од 2020 година под ново име, секако, ако обезбеди нов спонзор (за што не се сомневаме дека ќе успее во тоа). Екипата на „Sky“ под тоа име оствари дури 332 победи, вклучително и осум големи трки, 52 етапни победи и 25 еднодневни трки.

Извршниот директор на „Sky Group“, Џереми Дерок, изјави дека е горд на остварените резултати во нивното повеќе од еднодецениско дејствување во велосипедизмот.

„Крајот на 2019 година е вистинско време да продолжиме понатаму и да отвориме ново поглавје во приказната на Sky, да се свртиме кон поинакви иницијативи“, потенцира тој.

Одлуката на телевизијата „Sky“ да излезе од велосипедизмот е донесена поради тоа што компанијата почнува нова фаза во својот развој, се наведува во нивното соопштение.

Четирикратниот победник на Тур де Франс од тимот на Sky, Крис Фрум, изјави дека луѓето од тимот ќе направат сè за да ја преживеат и оваа криза со цел да продолжат со успешните резултати.

„Не можам да ја предвидам иднината, но ова е навистина посебен тим. Планираме сите да бидеме тука и во 2020, во истата екипа. Ќе направиме сè за да биде така, во други бои и со нови спонзори, но со исти вредности, фокус и желба за победа“, изјави велосипедскиот шапмион.