Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За разлика од неговата појава и издание на првото судско рочиште за „Рекет“, кога изгледаше изменоштен, уморен и блед, Бојан Јовановски на денешното второ рочиште од овој судски процес, кога сведочеше Орце Камчев, делуваше поенергично додека го испрашуваше сведокот, па дури и драматизираше на моменти, пренесува Мкд.мк.
Тој денес првпат откако беше уапсен се соочи со Камчев и му постави голем број прашања. Пред да ја отвори листата на прашања до сведокот Јовановски, тој побара јавно извинување од Камчев бидејќи рече дека на почетокот на неговиот емотивен настап изрекол неколку навредувачки квалификации за него.
Најпрво го праша на колку места пред да седнат во Сушико и пред да биде отворена „Империја“ се сретнал со други лица и од кого сè побарал помош за постапката за „Империја“.
На ова Камчев кратко одговори: „Не се сеќавам“.
Со иронија и гримаси Бојан Јовановски, вртејќи се и кон новинарските екипи, рече: „Знам дека судот нема да ми дозволи, инаку одма ќе ве потсетам на сè. Многу лаги изнакажавте денес.“
По ова следно што го праша беше колку пати од него побарал да му биде решен некој јавнообвинителски проблем.
На ова Камчев децидно му одговори: „Па ти не си адвокат па од тебе да барам решение за јавнообвинителски проблем“.
Јовановски тука престана со серијата прашања и му укажа на Камчев дека бидејќи тој го персира, бара и тој да му се обраќа со Вие, а не со ти.
Тука следуваше опомена од судијката Васка Николовска Масевска, која рече дека ова е судница, а не театар и сите треба да се однесуваат пристојно, а избор на сведокот е на кој начин ќе му се обраќа на оној што му поставува прашања.
Бојан Јовановски не изостави на денешното соочување да му забележи на Камчев дека му биле направени 2 неуспешни операции во болницата Систина.
Камчев, пак, го потсети дека за понудите што му ги давале тој и неговите вработени во Систина, кои имаат доста искуство во бизнис зделки, направиле анализа и заклучиле дека понудите за соработка, односно една понуда за зделка за старечки домови, која му ја дал Јовановски, била фејк проект, и го потсети дека на една вработена во Систина Јовановски ѝ рекол дека „за понуда од 40-50 илјади евра тој не ни станува од кревет“.
На ова Јовановски укажа дека како менаџер на 1ТВ имал право да се договара за зделки во телевизијата и дека можел да ги одредува сумите што треба да му бидат исплатени.
Овде со реакција се јави и обвинителката Вилма Русковска, која му рече „Не си менаџер, невработен си“, на што Јовановски ѝ возврати „Не се дери, полека.“
По ова следеше прашање повторно за работењето на 1ТВ, односно зошто ако бил низок рејтингот на оваа телевизија, Камчев се одлучил да ѝ исплати 170.000 евра.
Јовановски го опомена Камчев дека изрекол голем број ноторни лаги во исказот што го дал во текот на истрагата, а и дека синот на Катица Јанева, Лазар, бил злоупотребен.
Ова следеше по сведочењето на Камчев кога кажа дека во дел договори што Бојан Јовановски му ги нудел пред, како што рече, рекетирањето, имало и договор за бизнис проект на кој стоел потписот на синот на Јанева. Камчев на ова одговори дека под целосна кривична и материјална одговорност тврди дека се работело за лажен договор и дека од тие причини одбил да соработува.
За случајот „Рекет“ Камчев на Јовановски му рече дека бил во дупла улога, односно бил и сценарист и глумец. И појасни дека за тоа како да постапи за да го открие Јовановски се консултирал со пријатели што претходно биле уценувани на ист начин.
Јовановски од него побара со име и со презиме да каже кои се лицата што му помогнале да го изреализира сето ова. Камчев спомена само едно име, извесен Ивајмо, на чие презиме не се сеќавал, на што Јовановски го потсети на уште едно име, Радивое, а на ова реагираше судијката, која рече дека ова не е битно за оваа кривична постапка.
Јовановски возврати: „Ма како не е, судија. Итекако е релевантно и битно. Судија, верувајте ми.“
На ова судијката дозволи Камчев да каже уште со кого се консултирал, на што тој одговори дека другиот што се појавувал во текот на тие средби бил возачот на погорепосменатото лице.
Јовановски во овој дел од серијата прашања ја спомена и чантата „Луј Витон“, која ја нарече спорна, и го праша Камчев што друго освен, како што рече, непостојните милион евра имало во торбата.
На ова Камчев кусо одговори „Весници, за да се покријат парите“.
Јовановски праша: „И што друго?“
Камчев возврати: „Ништо“.
Јовановски повторно праша: „Кога оваа чанта повторно беше вратена кај вас?“
На што сведокот одговори дека чантата не му била вратена.
Јовановски на ова гласно додаде: „21 или 22 февруари 2019 година 15 или 17 часот чантата јас и Милевски си ја вративме, а тоа ќе го докаже и вештачењето од безбедносните камери од твојот дом“.
По серијата прашања од Јовановски кон Камчев судијката праша дали Јовановски има уште многу прашања за сведокот, кој веќе два часа зборуваше пред судот.
Јовановски укажа дека има уште прашања и дека има уште многу повеќе што да каже кога ќе дава исказ пред судот.