Боки 13, првоосомничен во „Рекет“, од Шутка префрлен на Клинички


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Главниот осомничен во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, поради лекарски испитувања за претходно закажана операција, денес од притворското одделение во Шутка беше префрлен на скопскиот Клинички центар, извести директорот на Шутка, Есад Рахиќ.

Според информациите со кои располага и ги пренесува Телма, притвореникот Јовановски претходно имал закажано зафат во приватна болница, но самиот сакал да се префрли на државно затоа што таа болница е поврзана со сведокот во случајот Рекет. Законските правила се дека притворениците првин мора да одат на државна клиника па доколку нема можности за лекување таму , може да одат на друго место или пак сами да платат операција во приватна клиника.

Дијагнозата и болеста на Јовановски не се откриваат. Боки 13 бил на хируршките клиники на приземје, а таму е видена и полициска патрола која се наоѓала во блзиина на амбулантите за дигестивно-абдоминална хирургија. Директорот на дигестивна Зоран Караџов кратко ни кажа дека нема информација за пациентот од скопскиот затвор.

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.