Боки 13 осомничен за земање мито од 1,5 милиони евра – парите ги арчел на патувања и облека


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На прес-конференцијата за јавноста и медиумите, од Основното јавно обвинителство потврдија дека Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се сомничат за незаконско примање награда за противзаконско влијание, а едниот од нив е осомничен и за перење пари, пренесува Мкд.мк.

Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител чиј идентитет не беше соопштен, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.

Боки 13 е осомничен за перење пари кои откако ќе ги пуштел како легално стекнати, Боки 13 купувал предмети, облека и плаќал одмори, иако целата сума ги надминува неговите приходи.

Како што кажа обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок.

„Обвинителството од втори мај 2019 година против две лица водеше предистражна постапка, при која се собрани материјални и вербални докази. Од месец ноември 2018 до месец април 2019 година првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставувал меѓусебен контакт меѓу првоосмничениот и осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосмничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле еден милион и петстотини милиони евра”, рече шефицата на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал, Вилма Рускоска.

При овие средби Рускоска рече дека биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.

„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично-правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока”, рече Рускоска.

Првоосомничениот, Боки 13, претходно примените пари ги пуштил во оптек како легално стекнати, а со нив купувал предмети, облека и плаќал одмори, иако целата сума ги надминува неговите приходи.

Обвинителството за двајцата бара мерка притвор.