Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, не успеа да ги седне на иста маса лидерите на парламентарните партии на Албанците.
Ахмети вчера ги покани лидерите на парламентарните партии на Албанците денеска да се соберат на заедничка средба во хотелот Александар Палас во Скопје за, како што стои во соопштението од ДУИ, да ја разгледаат имплементацијата на програмските определби“.
Движењето Беса најави дека ќе ја бојкотира средбата и дека претседателот Билал Касами нема да се појави на состанокот, бидејќи го сметаат за импровизација.
Нема да присуствуваме на таа средба. Како што веќе знае јавноста, таа тркалезна маса на албанските политички партии е само импровизација, само затоа што некому му е потребна за политички протагонизам. Ние сме подготвени за суштински состанок, а не за церемонијален за манипулирање со јавноста и без значење, каков што е денешниот, изјави за МКД.мк, портпаролот на Беса, Фатон Фазлиу.
Средбата, како што предлага Беса, треба да се одржи во Собранието и да се координира од координаторите на парламентарните групи или претставници на политичките партии.
Од ДУИ велат дека средбата ќе се одржи, без оглед на неприсуствувањето на Движењето Беса, бидејќи сите други партии на парламентарните партии на Албанаците го потврдиле присуството.
Ваквата средба Ахмети ја навести уште пред неколку дена и најави дека таа ќе се реализира по прославата на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Артан Груби од ДУИ ни изјави дека целта на средбата е да се види до каде се работите со чувствителните прашања и да се искоординираат за понатамошните активности.
Според Груби, партиските лидери ќе разговараат за имплементација на Декларацијата и додаде дека таа веќе се спроведува. Како потврда за тоа споменува дека Економскиот комитет во Владата го предводат Албанците, што беше една од точките. Освен тоа, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, присуствуваше на средбите на владината делегација во Брисел и во Софија, што се поклопува со барањето Албанците да учествуваат во преговорите за решавање на името.
Партиите на Албанците во Македонија, без ДПА, на 7 јануари потпишаа Заедничка изјава за взаемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и т.е. или во секој понатамошен мандат. Меѓу целите во Декларацијата беше и точката за употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена, како фундаментално и уставно право.