Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Новоизбраниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, по вчерашната седница на Централниот одбор ги објави имињата на членовите на новото партиско раководство.
Миле Зечевиќ е новиот генерален секретар на партијата, нов организациски секретар е Вангел Андревски, а Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна соработка. Сања Лукаревска ќе остане заменик-претседателка на партијата.
За нови потпретседатели на партијата избрани се: Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Фатмир Битиќи.
Членови на Извршниот одбор на партијата се: Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стевановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.
Ковачевски најави дека партијата ќе се реформира и реорганизира, а истакна и дека ќе се формира советодавно тело, Совет за креирање и имплементирање политики, со цел да ги надгледува проектите на партијата, а со него ќе раководи Игор Ивановски.
На својот фејсбук-профил Ковачевски напиша: „При изборот на нови членови на Извршниот одбор и за нови потпретседатели, се раководев од тоа во тимот да имаме искусни луѓе препознатливи по својот ангажман во СДСМ, но и млади луѓе кои во овој период се стекнаа со углед и искуство за обавување на такви должности… Во периодот кој следи СДСМ ќе се менува и унапредува во секој сегмент од своето работење и делување. СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и да создава и поддржува нови кадри. Да се потпира и вклучува луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократките вредности.
Најавувам активирање на централниот систем на комисии на СДСМ. Тие претставуваат сериозен механизам за отварање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството и за нивно стручно ангажирање.
Најавувам и воспоставување на Совет за креирање и имплементација на политики. Овој совет како помошно тело за поддршка на претседателот на СДСМ и органите на партијата, кое треба да ги интегрира и мобилизира целиот човечки капитал во и надвор од партијата. Ова советодавно тело ќе креира политики и стратегии, но и ќе ја следи и забрзува имплементацијата и реалзиацијата на проектите.
Започнуваме процес на целосно отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам. Ова е предизвик на кој СДСМ сериозно ќе работи и ќе биде предводник во отфрлање на клиентелизмот во секој сегмент од општественото работење.
Одлики на новото раководство ќе бидат: одговорност, ефикасност во спроведување на ветеното, чесно работење и отчетност. Со личен пример да покажеме што значи правна држава, а не само со реформи и нови закони.
Во периодот кој следи суштински го менуваме курсот во делот на комуникација со граѓаните и членството. СДСМ е партија која мора да биде многу поприсутна меѓу граѓаните. Секој функционер, секој партиски активист ќе биде присутен меѓу оние кои му ја дале довербата.
Ќе го вратиме чувството за правда и правичност во општеството. Сите да станеме почувствителни на појавите на корупција на сите нивоа и остро да реагираме на нив.
Мора да бидеме симбол на промените кои ги бараат од нас граѓаните, а со тоа да привлекуваме, а не да одбиваме. Да обединуваме околу напредокот, правичноста и одговорноста кон секој човек во општеството. Ова е СДСМ кое сите сакаат да го видат и ваков СДСМ ќе изградиме.
СДСМ започнува ново поглавје во својата историја. Имаме нов тим, сила и енергија за да одговориме на сите предизвици. Очекувањата се големи и одговорноста е голема. Но, со посветена и одговорна работа, со чесно и отчентно работење верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата и дека ќе успееме да изградиме силна, економски стабилна и сигурна земја“, напиша Ковачевски.