Богатите земји ја губат средната класа – исчезнува столбот на здравото општество


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според новиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), богатите земји од Западна Европа и Северна Америка ја губат средната класа која се топи, бидејќи секоја нова генерација сè помал дел од населението има средни приходи.

Кога припадниците на таканаречената „бејби-бум“ генерација, оние кои се родени меѓу 1943 и 1964 година, беа во нивните 20-ти, околу 68 отсто беа членови на домаќинства со средни приходи. Само 60 отсто од милениумците, оние родени меѓу 1983 и 2002 година, може да го кажат истото на прилично иста возраст.

Што е средна класа?

OECD ја дефинира средната класа како луѓе што заработуваат меѓу 75 и 200 отсто од националната медијана на годишните приходи. Податоците на организацијата се просек на резултатите од Канада, Данска, Финска, Франција, Велика Британија, Ирска, Италија, Луксембург, Мексико, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и САД.

Исто така, во извештајот се наведува дека „економското влијание“ на средната класа со текот на времето опаднало. Во членките на OECD средните приходи во просек во изминатата деценија се зголемувале по само 0,3 проценти годишно. Колку за споредба, во деценијата пред финансиската криза средните приходи годишно се зголемувале за 1,6 отсто и за еден процент во текот на деценијата претходно.

Трошоците поврзани со домот најмногу ја цедат средната класа – тоа сега одзема една третина од расположливиот приход за домаќинствата од средната класа, што е повеќе од 90-тите, кога беше една четвртина. Трошоците за домувањето и трошоците за високо образование се зголемуваа побрзо отколку просечните приходи, истакнаа од OECD.

Причини за топењето на средната класа

Постепеното намалување на средната класа е комплицирана приказна. На пример, американскиот истражувачки центар „Пју“ утврди дека сè помалата американска средна класа е резултат на тоа што некои луѓе се спуштаат во класата со пониски примања, но уште поголем дел од населението преминува во повисоките класи. Сепак, овие податоци кријат меѓугенерациска нееднаквост.

Така, средната класа се намалува, повисоката е стабилна, а пониската се шири. Тоа може да се види и преку следниов графикон.

Има и разлики меѓу земјите. Податоците на OECD покажуваат дека американската средна класа се смалила како резултат на ширењето на пониските и повисоките класи. Во Шпанија опаѓањето на средната класа е резултат на тоа што луѓето паѓаат во пониската класа. Во Велика Британија пониската класа е смалена, а повисоката е проширена, но во рамките на средната класа, пониската средна класа е проширена, додека средната средна класа и повисоката средна класа се во опаѓање.

Од OECD истакнуваат дека смалувањето на средната класа е загрижувачко и повикуваат на воведување политики со кои би се поддржала оваа група. ОЕЦД предупредува дека традиционалните работни места на средната класа се под закана од автоматизацијата и сега се потребни повеќе вештини и повеќе работници за едно домаќинство да може да биде во средна класа.

– Средната класа порано беше аспирација. Но, сега има знаци дека овој темел на нашите демократии и економски раст не е стабилен како во минатото – посочуваат од ОЕЦД.