Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Изразените климатски промени, уништувањето и губењето на видовите и загадувањето, предизвикани од деструктивниот однос на човештвото кон планетата Земја од средината на 20. век наваму, беа мотив и доволно конкретни аргументи за научниците да одредат дека тогаш почнала нова геолошка епоха која ја живееме денес.
Наречена антропоцен – и изведена од грчките термини за „човек“ и „ново“ – оваа епоха почнала некаде помеѓу 1950 и 1954 година, според научниците. Иако низ светот постојат докази за влијанието на согорувањето на фосилните горива, детонирањето нуклеарно оружје и на фрлањето ѓубрива и пластика на копното и во водните патишта, научниците предлагаат малото, но длабоко езеро Крафорд, кај Торонто, Канада, да биде историскиот маркер.
„Сосема е јасно дека размерите на промените неверојатно се интензивираа и за тоа треба да е одговорно човечкото влијание“, рече геологот од Универзитетот во Лестер, Колин Вотерс, кој претседавал со работната група Антропоцен.
Според ова, влијанието на луѓето се става во слична класа со метеоритот што удри во Земјата пред 66 милиони години, убивајќи ги диносаурусите и започнувајќи ја кенозојската ера, или она што разговорно е познато како доба на цицачите. Ама не баш, вели АП. Додека тој метеорит почнал една сосема нова ера, работната група вели дека луѓето почнале само нова епоха, што е многу помал геолошки временски период.
Групата има цел да го одреди конкретниот датум на почетокот на антропоценот со мерење на нивото на плутониумот на дното на езерото Крафорд.
Тезата за антропоценот беше предложена на научна конференција пред повеќе од 20 години од сега починатиот нобеловец, хемичарот Пол Круцен. Оттогаш, тимови од научници дебатираа за ова прашање и конечно ја формираа работната група за да проучат дали тоа е потребно и, ако е така, кога би почнала епохата и каде би се огледувала.
Езерото Крафорд, кое е длабоко 29 метри, е избрано меѓу 11 други локации бидејќи годишните ефекти од човековата активност врз почвата, атмосферата и биологијата на земјата се толку јасно зачувани во неговите слоеви седимент. Тоа вклучува сè, од нуклеарните последици, преку загадувањето опасно за видовите, до постојаното зголемување на температурите.
Постојат различни и повеќекратни сигнали што почнуваат околу 1950 година во езерото Крафорд, кои покажуваат дека „влијанието на луѓето го преплавува Земјиниот систем“, рече Френсин Мекарти, членка на комисијата, која е специјализирана за тоа место како професор по науки за Земјата на Универзитетот Брок во Канада.
„Извонредно зачуваните годишни наслаги во езерото Крафорд се навистина неверојатни“, рече претседателката на Националната академија на науките на САД, Марсија Мекнат, која не била дел од комисијата.
Антропоценот ја покажува моќта – и надменоста – на човештвото, велат неколку научници.
„Надменоста е во замислувањето дека ние ја имаме контролата“, вели поранешниот советник за наука во Белата куќа на САД, Џон Холдрен, кој не бил дел од работната група на научници и не се согласува со предложениот датум за почеток – тој вели дека сѐ почнало многу порано. „Реалноста е дека нашата моќ да ја трансформираме животната средина далеку ги надмина нашето разбирање на последиците и нашиот капацитет да го промениме курсот“.
Геолозите го мерат времето во еони, ери, периоди, епохи и доби. Научната работна група смета дека антропоценската епоха следува по холоценската епоха, која почнала пред околу 11.700 години на крајот на ледената доба.
Тие, исто така, велат дека со тоа почнува нова доба, наречена крафордска, по езерото избрано како нејзина почетна точка.
Тезата допрва треба да биде одобрена од три различни групи геолози, а тоа може да се случи на голема конференција следната година.
Причината зошто геолозите не го прогласија антропоценот за почеток на една поголема и поважна временска мера, како што е период, е затоа што тековниот квартарен период, кој почнал пред речиси 2,6 милиони години, се заснова на постојан мраз на половите на Земјата, кој уште постои. Но, за неколку стотици години, ако климатските промени продолжат и ако тој исчезне, можеби е време тоа да се промени, вели Вотерс.
„Ако сте ги читале грчките трагедии, знаете дека моќта, надменоста и трагедијата одат рака под рака“, вели научната историчарка од Харвард, Наоми Орескес, член на работната група. „Доколку не почнеме да ги решаваме штетните аспекти на човечките активности, најконкретно разорните климатски промени, ние одиме кон трагедија“.