Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На вчерашното судско рочиште за случајот „Рекет“, после сведочењето на сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева, во улога на сведок во судницата од Кривичен се појави благајничката во Орка Холдинг, Мирјана Бошковска.
На прашање на обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, кои се нејзините работни обврски, сведокот одговори дека е овластено лице за сите приватни сметки на семејството Камчеви, пренесува Мкд.мк.
Во текот на сведочењето за Рекет Бошковска или Мими како што во своите сведочења ја нарекуваа брачните сопружници пред судот рече дека поголема сума на пари извадила во декември 2018 и во февруари 2019 година.
„Од приватната сметка на Ана Камчева и Ратка Камчева, мајката на Орце, во декември 2018 на трипати извадив 12 милиони, пет милиони и нешто повеќе од пет милиони денари, а потоа во февруари 2019 година вадев пари од сметката на сестрата на Орце, Кристина и нивната мајка Ратка, а се работеше за суми од 18 и 20 милиони денари“, рече пред судот Бошковска.
Таа во продолжение појасни дека требало да ги смени овие пари во евра, дека се јавила во менувачница за да најави менување на поголема сума пари и дека со обезбедување го направила тоа. Откако ги сменила парите првиот пат, рече дека со обезбедување, со возило била во куќата на Ана за да ѝ се предадат парите, а вториот пат парите ги предала лично на Камчев, влегувајќи од задната врата во нивната куќа, за што била направена и спецификација. Оваа спецификација, како што појасни благајничката, била пишувана на жолти листови хартија, а се однесувала на тоа колку пари и во какви апоени има во пачките кои ги пакувале. Според нејзиното сведочење, 80 отсто од парите што таа му ги предала на Камчев биле во апоени од 50 евра. Парите ги предала во две спортски торби, како што ги опиша, едната поголема отприлика едена метар, а другата помала. Кога дошла кај Камчев, според нејзиното сведочење, во двете спортски торби имало 710.000 евра, но, како што појасни, во истите торби ги носела парите во денари, а потоа, назад биле ставени и во евра, но торбите не биле полни.
„Во кабинетот на Орце Камчев бевме само јас и тој. Ги броевме и ги селектиравме парите, ги ставивме во торба, а одозгора ја ставивме и спецификацијата која беше рачно напишана“, рече благајничката Бошковска.
Обвинетата Катица Јанева за неа немаше прашања, туку пред судот неколку прашања ѝ постави само обвинетиот Бојан Јовановски. Тој ја праша дали била свесна и по нејзина волја била снимана додека ги броеле и ределе парите во торба, како и дали на снимките кои се појавија во јавноста се нејзините раце. На Ова таа одговори: „Не знаев дека сум снимана и да, на снимките се моите раце“.
Со нејзиното сведочење заврши вчерашното рочиште за „Рекет“, а следното со нови тројва сведоци ќе продолжи на 25 декември.