Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денес, ширум светот, огромен дел од светското население, кога ќе се спомене „Black Friday“ (Црн петок), веднаш знае што значи тоа – масовни попусти во сите трговски центри и секаков вид на продавници. И веројатно нема потреба да се објаснува што носи тој ден – огромна потрошувачка и купувачка „манија“ на сите страни од планетата Земја. Во овој тренд не заостанува ни Македонија, со нејзината Black Friday Week акција која од година во година зема сè поголем замав.
Формално и симболично, „црниот петок“ е тесно поврзан со националниот американски празник „Ден на благодарноста“. „Денот на благодарноста“ се слави на последниот четврток од месец ноември, а петокот после него е токму оној петок кој денес светот го одбележува како „Black Friday“. И тоа е тоа. Е сега, на интернет последниве години се појавија многу различни теории и толкувања за тоа што значи и како „настанал“ „црниот петок“, а кои застрануваат од оваа едноставна и точна причина и значење на истиот.
Една од толкувачките теории за „црниот петок“ е дека тој бил денот кога во времето на робовладетелството сопствениците на црни робови се ослободувале од вишокот од нив со нивна ликвидација и дека робовите биле црни, па поради тоа и денот е црн петок, се апсолутно неточни.
Ако малку расчепкате на интернет, ќе видите дека значењето на „црн петок“ и неговата историја нема никаква врска со продажбата на црни робови, иако постојат такви теории на заговор.
На интернет за значењето на „црн петок“ се наоѓаат различни толкувања, но ниту едно од нив не се поврзува со робовите. Едното од нив е дека фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, кога работниците практикувале, ден по Денот на благодарноста, да се јавуваат на работа и да кажуваат дека се болни со цел да имаат четири дена споени за викенд.
До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), вообичаено се поврзувал со полицијата на Филаделфија. Имено, полицијата од Филаделфија ја користела оваа фраза за деновите (петок и сабота) кога морала да се справи со хаосот и главоболките од толпите и застојот во сообраќајот на ден по Денот на благодарноста, односно во почетокот на божиќната шопинг-сезона.
Едно популарно објаснување за потеклото на „црниот петок” вели дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”, откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).
Значи, фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, а нејзината поврзаност со профитот на трговците првпат се појавува во 1981 година, повеќе од сто години по укинувањето на робовладетелството во САД (според Википедија, ропството во САД било укинато по усвојувањето на тринаесетиот амандман во Уставот на САД во 1865 година, по Американската Граѓанска Војна).
Денес „црниот петок“ е синоним за попусти и потрошувачка треска која го тресе општеството, а која од еден ден е проширена на една недела, па дури и еден месец. Сепак, главните попусти се поврзуваат со утрешниот петок и тогаш буквално во цел свет владее потрошувачко „лудило“ и купувачка манија.