Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На денешната прес-конференција, прашан за случајот со аферата „Рекет“ во кој беа уапсени и притворени Боки 13 и Зоки Кичеец, премиерот Зоран Заев изјави дека дел од бизнисмените кои ги уценувал Боки 13 за да им извлече пари му се пожалиле и на премиерот Зоран Заев. Тој додаде дека случајот го пријавил во обвинителството.
„Да, се обратиле бизнисмени коишто не се од Скопје до мене за оваа работа, дека биле уценувани и секако се знае како постапува секој граѓанин, така постапува и премиерот, го пријавил тоа“, рече Заев.
Катица Јанева не барала помош од премиерот Зоран Заев во случајот „Рекет“. Првиот човек на владата негираше денеска дека Јанева го побарала во понеделникот телефонски, пред обвинителството за организиран криминал да ù го одземе телефонот за да утврди дали комуницирала со првоосомничениот Боки 13 при изнудата на 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, пренесува Алсат-М.
„Јас можам да кажам за себе, дека не сум се слушнал со Катица Јанева и тоа не е точно ако се мисли на висок владини функционер за мене“, додаде Заев.
Дали во откривањето на рекетот на Боки 13 прсти има вмешано странска држава, Заев посочи дека одговори треба да даде обвинителството.
„Ќе му се јавите на бизнисменот ќе ви каже, од кај да знам јас, Бугарија е наш пријател. Бугарија е голем пријател која се бори за нашите интегративни процеси, тоа го докажува Борисов и бугарската држава и да шпекулирам дали е тоа странска држава е инволвирана во криминални или квази криминални дејствија што се случуваат овде, нема да си го дозволам“, рече Заев.
Заев уште еднаш побара, обвинителството за организиран криминал да соопшти дали Катица Јанева е само искористена во случајот „Рекет“ или била дел од шемата на Боки 13 и второ осомничениот Зоран Милевски – Кичеец? Претставниците на правосудството сепак се воздржани околу последните случувања и околу евентуалната инволвираност на Јанева во рекетарски шеми.
„Да ви кажам искрено и јас сум изненаден од тоа што се случи со СЈО. Да сочекаме вештачење да се изведат докази, да се утврдат факти да се спроведе истрага, па да видиме кој е одговорен“, изјави Киро Здравев, Претседател на Судски совет.
Вчера тимот на СЈО се дистанцираше од Катица Јанева и упати порака дека потезите на поединец не треба да влијаат на институцијата. Јанева претходно поднесе оставка и оттогаш не доаѓа на работа. Нејзиното повлекување коинцидираше во ист ден со истрагата „Рекет“ и апсењето на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, осомничени дека изнудиле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев. Му ветувале дека ќе ургирата кај јавен обвинител да се запре истрагата за случајот „Империја“ против него. Тоа е случај што го води токму СЈО. Според обвинителството, Камчев им ги дал парите, а како доказ постојат аудио и видео-снимки.