Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе тужба до Управниот суд за начинот на кој беше разрешена од функцијата, а истовремено до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје доставила и кривична пријава за истиот случај.
Со тужбата до Управен таа ја оспорува законитоста на одлуката за нејзино разрешување.
„Имајќи ја предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење законска основа и без да биде спроведена постапка пропишана со закон“, вели Дамева во изјава за државната агенција МИА.
Кривичната до обвинителството, пак, како што вели, ја поднела бидејќи смета дека пречекорувањата на законот кои биле направени со цел да биде разрешена не се само од управен карактер, туку влегуваат и во доменот на кривично правната област. Кривичната е за делото злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353 став 2, а во врска со став 1 од членот 45 од Кривичниот закон).
Дамева во изјавата тврди дека бара правна заштита не заради неа лично, туку заради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на претседателската функција.
„Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано“, вели Дамева.
Сега веќе поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, беше отстранета од функцијата на седница на 26 април годинава. Седницата започна во тензична атмосфера со обвинувања од дел од членовите дека Дамева го криела писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер. Потоа настана расправија за меѓучовечките односи кои некои бараа да се стават на дневен ред. По неколкучасовна тензична атмосфера, во присуство на Дамева претседавањето со седницата го презеде нејзиниот заменик Селим Адеми кој побара да се гласа за нејзино разрешување. „За“ гласаа седум члена по што тој констатираше дека претседателката е разрешена и за утредента закажа нова седница за избор на нов претседател.
Ваквиот начин на разрешување предизвика лавина реакции од стручната јавноста. Имено, за разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и реакциите кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка. Кога постапката ќе дојде до фаза гласање, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Сепак, членовите на Судскиот совет се обидоа да изберат претседател наредниот ден по разрешувањето (27 април), но заменикот Адеми тогаш ја одложи седницата со образложение дека еден од членовите со право на глас е отсутен, а при избирање претседател пожелно е да се присутни сите. Седницата требаше да продолжи по неколку дена (на 2 мај), но и тогаш се одложи без официјално да бидат објавени причините.
За да излезе од ситуацијата, Судскиот совет далеку од очите на јавноста најде „решение“.
На 4 мај одржа две тајни седници и една јавна која беше надвор од работното време и за која објави најава 15-тина минути пред почетокот закажан за 16:30 часот.
На првата нејавна седница тогаш било гласано да се повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората тајна седница членовите ѝ изгласале недоверба и ја разрешиле. Покрај тоа, на тајна седница била констатирана и оставка од заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што се залагаше за разрешување на Дамева. Меѓутоа, неговата оставка беше со одложено дејство – стапува на сила откако ќе се избере нов претседател, ќе се објави одлуката во „Службен весник“ и ќе се направат промени во Централниот регистар.
Како Судскиот совет се сокри од јавноста „за да најде излез“ од ќорсокакот?
Покрај постапките за разрешувањето, спорни беа и одлуките за нејавни седници кои од Судскиот совет ги оправдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници тогаш воопшто не беше расправано за судија или кандидат за судија.
Третата седница дента на 4 мај, која беше јавна, се одржа со цел да се избере претседател. Со осум гласа „за“ тогаш на функцијата беше избран Сашко Георгиев.