Бившата аргентинска претседателка обвинета за корупција – судот бара притвор за „Корупциски нотес“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Бившата претседателка на Аргентина, Кристина Киршнер, која на претседателската позиција беше од 2007 до 2015 година, вчера доби обвинение за корупција по завршувањето на истрагата за аферата „Корупциски нотес“, по што судот побара нејзино притворање.

Таа е осомничена дека заедно со сопругот Нестор Киршнер, претседател од 2003 до 2007, е виновна за корупциски систем во кој директори на компании им давале мито на функционери во замена за договори со државата.

На поранешната претседателка најверојатно нема да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет кој го има како сенаторка.

Веста за поднесувањето на обвинение против неа како „лидерка на злосторничка организација“ се случи пред нејзиното трето појавување пред судот.

Аферата „Корупциски нотес“ изби на 1 август по објавувањето на содржината на нотес во кој возач на еден заменик министер детално бележел како директори на градежни и компании за јавни работи им предавале вреќи со пари на членови на администрацијата на Кристина Киршнер.

Во големата афера се вмешани десетици функционери и директори на компании.

На првите две рочишта 65-годишната Киршнер одби да одговара на на прашањата на судијата, туку го искористи своето право на писмен исказ.

„Одлучно тврдам дека не бев член на злосторничка организација и немам извршено кривично дело. Истрагата е намерно насочена против мене, нема ни најмал доказ за делата што ми ги подметнуваат“, изјави на 3 септември поранешната претседателка на Аргентина.