Битолски гинеколог ѝ дозволил на својата сопруга да изведе царски рез иако не била вработена во болницата


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Скандал кој се случи во одделението за гинекологија ја тресе болницата во Битола. Суспендирани се двајца лекари – гинеколози, откако еден од нив си ја повикал сопругата која е невработен гинеколог, странски државјанин да учествува во породување жена со царски рез, пренесува Независен.

Извори од одделението за Гинекологија за „Независен“ откриваат дека скандалот се случил на почетокот на јануари, кога помладиот од гинеколозите ја внел сопругата во родилната сала. Двајцата вработени гинеколози биле во салата, но наводно работата ја препуштиле на сопругата на помладиот гинеколог.

По ова еден од вработените во Гинекологија се јавил во полицијата и го пријавил случајот. Извори од СВР Битола, неофицијално ни го потврдија настанот и велат дека се подготвуваат кривични пријави за двајца лекари гинеколози.

Инаку, според наши извори од болницата, операцијата на родилката била успешна, па наводно тоа било причината што семејството не реагирало, но затоа пак реагирале други лекари кои случајот го пријавиле во полиција.

Директорката на Битолската болница, д-р Билјана Гагачовска, го потврдила случајот за „Независен“.

„На 15 јануари до мене како директор од страна на раководителот на одделението за Гинекологија беше пријавено дека неовластено лице, невработено во болницата присуствувало на операција во операциската сала. Веднаш по добивање на пријавата уште истиот ден, согласно законските процедури за постапување по пријава, започната е процедура која ги вклучува сите присутни на наведениот ден кои биле во салата“, изјавила таа за „Независен“.

Таа вели дека е отпочната процедура за упатување на дисциплинска комисија. „За двајца од вработените, како најодговорни, донесено е решение за времено отстранување од работасо цел непопречување на процесот на постапката на дисциплинската комисија. По завршување на постапката и добивање на предлог за изрекување на казна ќе бидат изречени соодветни мерки на казна кон вработените“, вели д-р Гагачовска.

Еден од суспендираните лекари гинеколози е Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во владата на Зоран Заев. Во изјава за „Независен“ тој не даде прецизно објаснување како се случил настанот, но ни потврди дека е суспендиран. „Случајот е во процедура. Додека не одлучи дисциплинската комисија немам што да коментирам. Кај мене нема вина. Меѓутоа, тоа е тоа“, ни рече Чакаровски.

По ваквиот скандал во Гинекологија, извори од ова одделение велат дека Управата на болницата донела писмена наредба во која им забранува на лекарите гинеколози кога не се на смена да доаѓаат на работа, да прегледуваат и да оперираат пациенти. И дека во операциската сала сала можат да влегуваат само гинеколози и вработени кога се на смена.