Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Релативно зарамнет масив на млада верижна планина, со рашткрани врвови високи над 2.000 метри надморска висина, скрасена во срцето на западниот дел од Македонија, во вечен дијалог со Крчин, Дешат, Кораб, Шара, Стогово, мавровските убавини, гордост на мијачкиот регион – таа е Бистра, вечно убава и убаво вечна.
Кога ќе посакате да ја шетате Бистра Планина (сигурно ќе посакате да посетите ваква убавина), наша препорака е тоа да го направите со кинис од китното Галичник, кое е удобно скрасено во топлата мајчина пазува на бистрата планина. Не дека турата која тргнува од мавровската страна е помалку возбудлива, раскошна и убава, само потребна е поголема физичка подготвеност бидејќи е подолга, доколку сакате да ги посетите двете врвни гордости на Бистра – моќниот, женски принцип Меденица и строгиот, машки принцип Карбула – двата највисоки врва на оваа планина.
Нагоре, пополека, со сигурен од, забрзан здив и бистри мисли, накачуваме кон сртот кој извивачки ќе не донесе до Меденица. Аурата и енергијата кои се шират насекаде околу нас секоја секунда ја прават посебна, единствена и возбудлива.
А кога пред вас, во еден момент, ќе се извиши гордо осамениот Карбула, тогаш чекорот сам од себе подзапира, духот се вознемирува, срцето полека го смирува својот забрзан ритам, очите восхитено се шират пред торжествената глетка, а целото битие ја застанува својата опстојба и настројба за должно да го испочитува и да ужива во моќниот дијалог кој започнува со планинскиот горделивец и кој немо ќе го беседи за сето време додека битствува на Бистра.
Врв со женски принцип, како што љубиме ние да си го нарекуваме. 2.163 метри надморска висина – Меденица, моќна, тивка, но и немирно своја, гордоста, срцето и духот на Бистра Планина. Кога сте на Меденица ве обзема чувство дека сето она околу вас е запрено во еден вечен миг на перманентна опстојба и настројба исполнети со задоволство, спокој, мирољубие, благи мисли и чиста вечна глетка.
А кога ќе го раширите погледот по целата панорамска глетка која ви ја отвора Меденица, ќе ви станат јасни, сфатливи, осознаени и оправдани сите епитети и пофални зборови кои нашата човечка маленкост може да ги изрече со ограничената експресивна моќ на јазикот.
Убавината тука има една, универзална појавност која во целосно разнолични нијанси и форми се умножува и се прекршува во безброј лични лица на природата. Гласниот молк кој извира од планинските падини го сплотува човечкиот дух со трепетот на тревките, громкиот шепот на карпите и брановидната хармонија на падините
Близок, непосреден дијалог на погледот и стамениот Карбула, гордо осамен и масивен, строг и непоколеблив, го исполнува духот со буеж од возвишение, радост, импресии и целосна сплотеност со жестоката убавина. Вистински примерок за машки принцип на планински врв, уникатна убост.
Му велиме довидување на Карбула, па со добра мисла за повторно средба, игриво го напуштаме, симнувајќи се кон преслапот кој ги дели и спојува истовремено со Меденица, полека кинисувајќи кон Галичник.
Восприемањето на Бистра е дразба за сите сетила. Ќе ве направи поблагородни, поблиски до природата, поедноставни, повозвишени и попризмени едновремено. После Бистра ќе бидете друг човек, далеку поголем, но и попонизен пред примордијалната доминантност на природата од оној кој кинисал во осознавање и сплотување со истата. Ќе бидете поубави, исто како и планината во вашите очи.
Фото и текст: Александар Еленин