Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Постојат сериозни индиции дека преку изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица се испрани над 28 милиони евра, дознава БИРН од истражни и финансиски извори упатени во истрагата за злоупотреба на европски пари.
Ако се има предвид дека должината на автопатската делница е 28 километри, според индициите за манипулации со средствата за изградба, произлегува дека секој изграден километар бил „поплочен“ најмалку со еден испран милион (евра). Според неофицијални сознанија, во перењето пари биле инволвирани повеќе лица и три домашни фирми кои „работеле“ за грчки „Актор“. Токму во тој круг се испумпувале парите, преку добро осмислена шема за подигање кеш и негово предавање на службеничка од грчката подружница.
Во тој скен за движењето на парите, не влегуваат штетите нанесени на македонскиот буџет, откако „на чуден начин“ (со менување на условите во текот на тендерската постапка), тендерот за автопатот го изгуби компанијата со најповолна понуда – италијанската „Тото“, а го доби грчки „Актор“ со понуда повисока речиси за 40 милиони евра. Трагите за ваквиот тендерски пресврт водат до високи функционери на претходната власт.
Држeте го крадецот!
Токму ВМРО-ДПМНЕ, во чиј владејачки мандат беше откриен скандалот, минатата недела ја прозва актуелната Влада за доцнење со работите на делницата Демир Капија – Смоквица.
„Договорот за автопатот заврши, а тој не е пуштен во употреба, иако потпишаа нов анекс со нов рок за градба и за надзор, но и тој не го исполнија“, обвини минатиот петок, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Од Министерството за транспорт одговорија дека автопатот е завршен и следниот месец ќе биде пуштен во употреба.
„Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект, за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт“, одговорија од Министерството.
Со критиката, ВМРО-ДПМНЕ практично чукна на отворена врата, бидејќи три дена претходно и Владата соопшти дека автопатската делница ќе биде пуштена во употреба на 15 април.
На прашањето дали Владата ќе побара истрага, бидејќи додека СДСМ беше во опозиција бараше одговорност за одлевањето пари од грчката компанија што го градеше автопатот, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, одговори: „Македонија е правна држава и секој што работи надвор од законите треба да понесе одговорност. Доколку има какви било сомнителни работи во однос на компанијата што ја споменувате, се разбира дека ќе побараме одговорност“.
Но, и оваа најава е чукање на отворена врата, ако се има предвид дека СЈО уште лани во декември обелодени дека го преземало случајот „Актор“ од Јавното обвинителство. Запрашани за активностите околу овој случај, од СЈО изјавија дека не коментираат предистражни постапки, но не исклучуваат дека „многу брзо“ може да излезат со информација на таа тема.
Хронологија на случајот
Претходно ништо не одеше „брзо“, ако се има предвид дека „случајот Актор“ беше обелоденет од опозициската СДСМ пред четири години, на 8 март 2014 година.
„Од сметката на фирмата ‘Актор АДГ Грција’ – Подружница Скопје, се одлева кеш кај државјани на Грција. Податоците од трансакциите направени во Македонија покажуваат дека 9 лица со презиме Константинас подигнале 313.000 евра во поединечни исплати во висина од 20, 40, 80 илјади евра. Грчките државјани кои го земаат кешот, го даваат исклучиво на едно лице, а тоа е сметководителката на ‘Актор’, Атина Зиога, и по завршената работа си заминуваат за Грција. Подигнатите суми во стотици илјади евра не излегуваат од Македонија. Управата за финансиско разузнавање отворила случај, но по нечиј налог постапката е стопирана. Офицерите на филијалата на ‘Стопанска банка’ во Неготино, преку која оделе извлекувањата на парите, пријавиле подигнување кеш во огромни суми, над 15.000 евра, што Управата за финансиско разузнавање била должна да го испита“, обелодени тогашниот портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.
Според податоците што ги објави СДСМ, во 2013 и 2014 година само во рок од десет месеци 95 лица извлекле кеш од сметките на „Актор“ во над 278 трансакции. Од нив, 79 трансакции се случиле во еден ден – на 5 декември 2013 година, кога се создала вистинска турканица во просториите на „Стопанска банка“ во Неготино. Честите посети на грчки државјани во банката со месеци го привлекувале вниманието на локалните жители, но не и активностите на надлежните институции.
Но, со оглед дека автопатот Демир Капија-Смоквица се градеше со 130 милиони евра средства од Европската инвестициска банка, со кредит од 107 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, и со 45 милиони евра грант од Европската комисија, најпрво се вклучи алармот во Европската канцеларија за истраги против измами со пари од европските фондови – ОЛАФ, која отвори истрага за случајот.
Тогашната македонска Управа за финансиско разузнавање се правдаше дека реагирала навреме и дека по првичните сознанија уште на 11 ноември 2013 година отворила предмет за случајот. Јавното обвинителство по бурни реакции во јавноста на 13 март 2014 година отвори постапка за „Актор“ и донесе времена мерка за блокирање на имотот и сметките на две трговски друштва во Македонија.
Ден потоа (14 март), по еднонеделен молк, за првпат се огласи и компанијата „Актор“, која преку соопштение тврдеше дека „сите плаќања се извршени преку банкарскиот систем согласно законот“. Со сличен став се огласи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека се почитувани сите европски и домашни закони.
Извор: Призма, целосната верзија од текстот можете да ја прочитате ТУКА