Бил речиси без предни екстремитети – откриен нов вид диносаурус


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Палеонтолозите во Аргентина открија нов вид на диносаурус кој, кога шетал по Земјата, веројатно имал толку слаби предни екстремитети што делувало речиси како воопшто да ги нема.

Овој новооткриен диносаурус, наречен Guemesia ochoai, се смета дека припаѓа на група мали месојади познати како абелисауриди, кои некогаш ги населувале Европа, Африка, Јужна Америка и Индија и изумреле пред околу 66 милиони години.

Научниците откриле нов вид откако го анализирале черепот пронајден во северозападна Аргентина, стар околу 70 милиони години. За разлика од другите абелисауриди, тој имал „неверојатно мал“ череп, всушност, се работи за абелисаурид со најмал мозок досега.

Друга чудна работа за овие диносауруси се нивните раце. Без коски на зглобовите или подвижни зглобови на лактите, абелисауридите не би можеле да ги свиткаат горните „израстоци“, а камоли да фатат нешто меѓу прстите. Немале ниту канџи, пишува Science Alert.

Но, иако Т. Рекс имал подолги и помускулести раце, абелисауридите сепак можеле да фатат плен многу поголем од себе. Нивните силни вилици и многу остри заби лесно ја компензирале слабоста на нивните предни екстремитети.

Со оглед на тоа дека е пронајден само черепот, тешко е да се каже како изгледал овој вид во споредба со другите абелисауриди. Природонаучниот музеј (NHS) на Обединетото Кралство соопштило дека наликува на диносаурусот Carnotaurus sastrei, но со помала глава и без рогови.

„Овој нов диносаурус е сосема невообичаен за својот вид. Тоа покажува дека диносаурусите што живееле во овој регион биле сосема различни од оние во другите делови на Аргентина“, рече палеонтологот Ањали Госвами од NHM.

Сè уште не е јасно зошто абелисауридите имале толку мали раце. Експертите претпоставуваат дека тоа се остатоци од екстремитети чија функција со текот на времето се покажала бескорисна.

Студијата наречена First definitive abelisaurid theropod from the Late Cretaceous of Northwestern Argentina е објавена во списанието Journal of Vertebrate Paleontology.