Безос ќе се почести со јахта од половина милијарда долари – толку е голема што има сопствена помошна јахта за потребите на главната


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Најбогатиот човек на планетата, бизнисменот Џеф Безос, наводно купува суперјахтата долга 127 метри. Суперјахтата е толку масивна што има своја помошна јахта со хелиодром, според Блумберг.

Проценетата цена, без јахтата за поддршка на бродот, е 500 милиони долари, пишува Си-Ен-Ен.

Холандскиот производител на луксузни јахти „Океанко“ не објавува многу детали за бродот наречен „Проект 721“.

Половина милијарда долари е незамислива сума пари за повеќето луѓе, но тоа е мал дел од 75 милијарди долари што Безос ги заработил само во 2020 година. Според Блумберг, неговата вкупна нето вредност е нешто помалку од 200 милијарди долари.

Акциите на Амазон (АМЗН), примарен извор на богатство на Безос, пораснале за неверојатни 75% минатата година, откако пандемијата го смени однесувањето на потрошувачите во корист на компанијата и Волстрит инвестира многу во технолошки компании.

Безос не е сам: американските милијардери заедно заработиле 1,1 трилиони долари во 2020 година, што ги прави скоро за 40% побогати отколку пред пандемијата.

Безос веројатно го нарачал бродот многу пред пандемијата, но веста за неговата нова екстравагантна играчка сега привлече внимание кон уште една индустрија која што има корист од бумот на берзата и пандемијата во САД.

Продажбата на бродови во САД минатата година достигнала 13-годишен рекорд. „Последниот квартал за суперјахти беше рекорден“, изјавил еден аналитичар за Блумберг. Производителите на екстравагантни јахти тешко можат да го следат тоа.

„Невозможно е да се добие место во производната хала“, вели аналитичарот. „Тие се целосно резервирани.“