Безос го напушта местото извршен директор во Amazon – еве кој доаѓа на неговото место


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Милијардерот Џеф Безос, основач и директор на „Amazon“, со писмо упатено до вработените во компанијата, им најави дека во третиот квартал од оваа година ќе ја напушти функцијата на извршен директор и ќе стане претседател на Извршниот одбор.

На местото извршен директор ќе го замени Енди Џеси кој е моментално на чело на „Amazon Web Services“.

„Како претседател на Одборот, ќе ги насочам своите енергија и внимание на нови производи и иницијативи. Енди е доволно познат во внатрешноста на фирмата и во „Amazon“ е речиси подеднакво долго како и јас. Тој ќе биде одличен лидер и имам целосна доверба во него“, напишал Безос во писмото до вработените.

„Ова патување започна пред 27 години. Тогаш „Amazon“ беше само идеја, немаше ни име. Прашањето кое тогаш најчесто си го поставував беше: Што е интернет? Денес вработуваме 1,3 милиони талентирани, посветени луѓе, имаме стотина милиони корисници и сме препознати како една од најуспешните компании на светот“, продолжил Безос.

„Својата работа ја сметам за значајна и забавна. Имам прилика да работам со најпаметните и најталентирани колеги. Кога нѝ одеше добро, бевте скромни. Кога нѝ беше тешко, бевте силни и ме поддржувавте. Заедно се смеевме. Да се работи со вас е вистинска радост“, им порачал Безос на вработените.

„Да се биде извршен директор на „Amazon“ е длабока одговорност“, напишал Безос. „Кога имате таква одговорност, тешко е да го насочите вниманието на било што друго. Никогаш не сум имал повеќе енергија и тука не станува збор за заминување во пензија“, додал тој.

Во „Amazon“ од самите почетоци

Безос е на чело на „Amazon“ уште од неговите почетоци во 1994 година. Компанијата денес вработува 1,3 милиони луѓе ширум светот, а експлозивен раст забележа во текот на изминатата година кога пандемијата на коронавирусот поттикна пораст на онлајн трговијата, пишува „BBC“.

Компанијата известила дека нето добивката во 2020 година речиси се удвоила на 21,3 милијарди долари додека приходите од продажбата изнесувале 386 милијарди долари.