Безос е најуспешниот милијардер во 2018 според Forbes


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Според рејтингот по успех на најбогатите милијардери на светот кој го склопи Forbes, првиот човек на Amazon, Џеф Безос, е најуспешниот човек меѓу најбогатите во светот за 2018 година.

Безос, кој во годината која изминува заработил 27,9 милијарди долари и е со вкупно богатство од 127,2 милијарди долари, ја задржува титулата на најбогатиот човек на планетата.

На второ место е јапонскиот претприемач Тадаши Јанаи, основачот на мрежата за малопродажба „Uniclo“ кој во 2018-та заработил 7 милијарди долари и неговото богатство изнесува 27,1 милијарди долари.

Претседателот и косопственик на „Лукоил“, Вагит Алекперов е на трето место во рејтингот со 4,6 милијарди долари, со што вкупното негово богатство е 19,5 милијарди долари.

Следат американскиот медиумски магнат Руперт Мардок (тој се збогатил во оваа година со 4,6 милијарди долари или вкупно 19,3 милијарди долари), и уште двајца руски бизнисмени – Леонид Михелсон (4 милијарди долари, вкупно богатство 21,4 милијарди долари) и Генадиј Тимченко (3,8 милијарди долари или вкупно 18,9 милијарди долари).

На долните скалила во листата на најуспешните милијардери за оваа година според „Forbes“ се рангираат поранешниот претседател на „Microsoft“, Стив Балмер (3,4 милијарди и вкупно богатство од 40,7 милијарди долари), најбогатиот Индиец, Мукеш Амбани (3 милијарди и вкупно богатство од 44,4 милијарди долари), основачот на „Microsoft“, Бил Гејтс (2,9 милијарди долари или вкупно 93,9 милијарди долари) и претседателот на компаниите „SрaceX“ и „Tesla“, Илон Маск (2,8 милијарди и вкупно богатство од 22,5 милијарди долари).

Вкупно капиталот на сите милијардери од првата десетка се зголеми во текот на оваа година со 64 милијарди долари, а минатата година богатството им порасна за 204 милијарди долари, покажуваат податоците на „Forbes“.

Списанието, исто така, состави листа на најголемите „неуспеси“ за 2018-та година меѓу милијардерите. Прв во неа е шефот на „Facebook“, Марк Закерберг, кој оваа година загубил 18,7 милијарди долари и неговото богатство се „стопи“ до 52,5 милијарди долари. Закерберг е единствениот Американец кој е на листата на милијардери кои претрпеа најголеми загуби на крајот од годината.

Во листата на „губитници“ влегува и Шпанецот Амансио Ортега, сопственикот на „Zara“, кој загубил 16,2 милијарди долари, а неговото вкупно богатство е намалено до 59,6 милијарди долари. По него се сопственикот на германската компанија „Continental“, Георг Шефлер (14 милијарда долари или вкупно 12,4 милијарди долари), кинескиот претприемач Ма Хуатен (10,1 милијарди долари и вкупно богатство од 35,1 милијарди долари), и мексиканскиот милијардер Карлос Слим (9,3 милијарди долари и вкупна вредност од 56,8 милијарди долари).

„Forbes“ прецизира дека листите се направени врз основа на рејтингот на милијардерите на изданието, кој се ажурира секој ден, за периодот од 29-ти декември 2017-та година до 19-ти декември оваа година.