Бежоска предложена за нов гувернер на НБРМ


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Анита Ангеловска – Бежоска, која моментално е актуелен вицегувернер во НБРМ, беше предложена за нов гувернер на НБРМ од страна на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов,  соопштија за МИА од кабинетот на шефот на државата.

Новиот предлог на Иванов следи откако денеска добил писмено известување од Димитар Богов дека се повлекува од кандидатурата за гувернер на НБРМ. Претседателот на Република Македонија новиот предлог го доставил денеска до Собранието на Република Македонија.

Претседателот Иванов смета дека Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка на Република Македонија е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.

Предлогот на претседателот Иванов за Гувернер на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска е осум години на функцијата вицегувернер во Народната банка на Република Македонија, задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика.

Анита Ангеловска-Бежоска, на предлог на Димитар Богов, гувернерот на НБРМ, на 20 септември 2017 година во Собранието на Република Македонија, со 97 гласа „за“ беше реизбрана за вицегувернер на Народната Банка.

Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на Меѓународниот монетарен фонд за склучување аранжмани меѓу Меѓународниот монетарен фонд и земји-членки. Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии на Република Македонија каде работела на повеќе позиции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“, велат за МИА од кабинетот на Иванов.