Берзата се „стопи“, огромни загуби – паника на Вол Стрит


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вчерашниот ден на американската берза беше катастрофален поради слободниот пад на акциите.

Вредноста на Дау Џоунс (Dow Jones) индексот во еден момент падна за дури 1.600 поени што е најголемиот пад во историјата за еден ден тргување, јавува Си-ен-ен, нарекувајќи го еден од најстрашните денови во историјата на Вол стрит.

Загриженоста на американскиот пазар почна да се чувствува уште минатата недела – пред инвеститорите има голем број отворени прашања. Ако економијата продолжи да јакне, тоа би можело да поттикне раст на инфлацијата, што потоа би можело да ги поттикне Федералните резерви на кревање на каматите.

Инвеститорите нервозно го гледаа и тргувањето на обврзничките пазари, каде приносите на обврзниците се во пораст. Порастот на приносите на обврзниците ги привлекува инвеститорите, кои се префрлаат на тој пазар од поризичните акции.

Волку силниот пад потсетува на времето на избивањето на глобалната финансиска криза, пишува Си-ен-ен.

Сепак, падот на американските берзи изненадува, имајќи предвид дека економијата, реалниот сектор, е во многу добра состојба. Нејзиниот БДП во последниот квартал порасна за 2,6 отсто, по третиот квартал во кој растот изнесуваше 3,2 отсто. Невработеноста е само 4,1 отсто.

Кога ќе се погледне движењето на американските берзански индекси на годишно ниво, инвеститорите и покрај овој пад се сѐ уште во дебел плус. Дау Џоунс во последната година порасна за 21,30 отсто, С&П 500 индексот на најголемите американски компании е во плус од 15,30 отсто, додека Насдак кој се состои од технолошки акции на годишно ниво и понатаму е во плус од 22,95 отсто.