Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
После најновиот извештај на Европската комисија со позитивна нота и квалификација, со кој се упати уште една препорака за започнување на пристапните преговори за членство на Македонија во Европската унија, официјален Берлин бара брзо отпочнување на овој пристапен процес, пренесува Дојче Веле.
Европската комисија уште еднаш даде позитивно мислење за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Во комбинација со ревидираната преговарачка методологија која ја бараа некои земји-членки, тоа би требало да биде доволно за конечно Скопје да добие зелено светло за посакуваните преговори. Неименуван ЕУ дипломат за агенцијата Ројтерс вели дека очекува, не само Франција, туку и Холандија и Данска да прифатат почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
Одлуката ќе биде позната на самитот на ЕУ закажан за 26 март годинава, откако два дена претходно на таа тема ќе расправаат и министрите за надворешни работи на ЕУ.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека и Македонија и Албанија ги исполниле бараните услови и изрази „надеж дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во следните недели“.
Добри оценки
Германија експресно го поздрави Извештајот на Европската комисија и порача дека очекува наскоро да започнат и преговорите.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас изјави дека двете балкански земји одново „добиле добри оценки“.
„Постои јасен напредок, пред се во реформата на судскиот систем и борбата против организираниот криминал и корупција“, соопшти Мас.
Германија ја споделува „позитивната оценка на Европската комисија“ и се залага за „брз почеток на преговорите за членство“.
Во новообјавениот мини-извештај на шест страници, Европската комисија оценува дека Северна Македонија постигна „значителен напредок“ и ги исполни условите кои и беа наметнати од Советот на ЕУ за почеток на преговорите.
Генералната оценка на Брисел е дека „Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“. Во тој контекст наведени судските реформи, случаите на висока корупција, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација.